Научниците имаа повеќе проблеми со клонирањето на овцата Доли отколку политичарите со клонирањето на Република Македонија. Сепак, општото помеѓу нас и Доли не е само во менталниот склоп и нејзината и нашата улога на експеримент, а и фактот дека животот на клоновите е краток. Клоновите од Доли умреа или при раѓањето или потоа. И ние сме на добар пат да го направиме истото, па веројатно заради тоа нашиот претседател вели дека мораме да се шириме не во хоризонтала, туку по вертикала. Секако кон дедо Боже.
Овцата Доли беше клонирана по 277 неуспешни обиди. Ние, пак, заглавивме при создавањето на државата веднаш по осамостојувањето. Нашиот Устав се менуваше со брзината со која нашите политичари менуваа една политичка опција и партија со друга. Но, тоа уште не беше клонирање туку оддалечување на македонската држава од нејзината суштина и на македонскиот народ од неговите традиции. Бадентерово мнозинство и Рамковниот договор се толку чудни и неприродни државни обврски што направија од Република Македонија кандидат за Гинис по антидржавност, а авторите на Рамковниот договор, кандидати за антинобелови награди. Во цел свет има мнозинства и малцинства. Се знае и процентот кој одлучува дали си мнозинство или малцинство – под или над 50%. Тогаш од каде им текна на нашите пишман-правници да ја менуваат Преамбулата во Уставот од 1991 година и да го изедначат македонскиот народ со малцинствата коишто живеат во македонската држава? Од каде им текна да го стават процентот од 20 отсто како услов малцинскиот јазик да стане службен јазик? Ампутираниот Устав од 2001 година покажува не само финалната капитулација на македонските политичари пред тероризмот врз државата, но и неписменоста на македонските правници. Нашите политичари се фалат со успеси против тероризмот во Авганистан и Ирак, а одвај не пуштија терористите да го заземат Скопје. Правниците пак, преку член 7 и 8 од Уставот го отворија патот кон директна федерализација на државата. Нешто повеќе. Со одлуката во член 7 органите на локалната самоуправа да одлучуваат за користење на јазици на кои зборуваат помалку од 20 отсто од граѓаните, се создаде услов за вистински хаос. Правичната застапеност на малцинствата во државните органи (член 8) не само што ја трансформира Република Македонија во етничко-племенска држава, но со доминацијата на етничката припадност над квалитетот директно го руши државниот систем.
Така едната водечка линија од 1991 година до неодамна беше уништување на македонската држава преку полнење на Уставот и законите со антимакедонска содржина. Исто така, практично менување на мнозинството со малцинството во управувањето на државата. На локално ниво тоа се остварува со вештачкото припојување на албански населби кон македонски општини во согласност со Законот за територијалната поделба. На централно ниво – со блокада на работата на македонската Влада и Собранието.
Со Договорот од Пржино веќе водечка линија е клонирањето на Република Македонија. И досега таа беше управувана од надвор – САД и ЕУ, преку нивните сателити во државата. Проблемот на самата држава е дека внатре сите функционери се помалку или повеќе сателити. Едните се партиски сателити на надворешните фактори, другите – етнопартиски сателити, третите – сателити преку т.н. граѓанско општество. Официјално едните управуваат, а другите се опозиција, но практично сите им се послушни на САД и на ЕУ. Тоа се докажа и при гласањето на Законот за Јавното обвинителство. Договорот од Пржино беше донесен од четворица партиски лидери, кои на тој начин ја укинаа парламентарната одлука на македонските граѓани. Гласањето на спомнатиот закон, пак, е укинување на македонскиот Устав. Сите присутни пратеници во Собранието – 111 гласаа за тоа укинување, затоа што во Уставот непостои можност за две Јавни обвинителства. Советот на јавни обвинители исто го прекрши Уставот со избирањто на специјалниот Јавен обвинител. Со други зборови, сите пратеници и јавните обвинители се покажаа не само како партиски послушници, но и како додворувачи на странските газди на Македонија.
Веќе не е чудно дека на овој закон „кумуваа“ американскиот амбасадор Бејли, евроамбасадорот Орав и белгиецот Питер Ван Хут. Договорот од Пржино исто така беше наметнат од странци – еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Ховит, Кукан и Вајгл. Се разбира плус Бејли. Да се потсетиме дека и Рамковниот договор беше врамен од американските претставници Питер Фејт и Џејмс Пердју и претставниците на ЕУ, Франсоа Леотар и Хавиер Солана. Но, има и разлика. Рамковниот беше составен од македонските правници, а во основата на Пржинскиот беше пристрасно аматерскиот Извештај на Прибе и осуммина анонимни наводни експерти. Автор на Законот за паралелно и јавно обвинителство Питер Ван Хут исто така не е правник, туку студирал филозофија и религија во Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија. Не е случајно користењето на странски аматери за рушењето на македонскиот државен систем. Прибе најави дека прислушувањето на македонскит државен врв било дело на македонската УБК. Овој идиотизам е продолжен во законот на Хут. Посебното јавно обвинителство морало ди ги гони делата „поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Обратете внимание, да ја испитува содржината, а не авторите на прислушувањето. Зошто така?
Затоа што Основниот суд Скопје I, веќе ги отфрли „доказите“ од прислушуваните материјали како неосновани и незаконски. Мора да се оди уште подалеку и официјало да се разоткријат вистинските организатори на прислушувањето. Веќе и малите деца во Македонија знаат дека тие организатори се амбасадите на САД и Велика Британија. Истите тие кои беа вмешани во терористичкиот напад во Куманово каде беа убиени Американци и Англичани од базата Бондстил во Косово. Но, тоа е вистината која македонските политичари, обвинители и новинари (со мали исклучоци) не смеат да ја кажат. Затоа го прифатија ненормалниот Извештај на Прибе и глупостите на Хут. Затоа странците не’ туркаат кон катастрофа.
Моментно во Република Македонија има двајца Премиери. Официјален – Никола Груевски, избран законски од македонските граѓани. И нелигитимниот, но дејствен генерал-губернатор Бејли. Веќе имаме и две паралелни Јавни обвинителства. Тоа претпоставува и Две судства. Странци ќе влезат и во Државната изборна комисија (ДИК), а веројатно и претседателот ќе биде странец. Со два збора, Бејли веќе нема да биде нелигитимен, затоа што странци ќе управуваат со македонските државни институции – официјално. Тогаш кој ќе биде нелигитимен? Се разбира, македонскиот народ. Заборавете ја федерализацијата и протекторатот. Федерализирана Македонија значи равенство меѓу Македонците и Албанците. Протекторатна Македонија значи да бидеме зависни од странците како досега. Веќе одиме кон колонијална Македонија, која директно ќе ја управуваат странците. Паралелната Јавна обвинителка Катица Јанева (нелегитимна во однос на македонскиот Устав) се заколна дека ќе го почитува Уставот. Циркус! Ако не беше изгласана, Хан ќе донесеше странец за Јавен обвинител. Тогаш колонијална Македонија ќе беше уште повидлива. Самата Јанева се заблагодари на меѓународниот фактор затоа што застанал позади неа. Па, преку нејзината функција меѓународниот фактор го зазеде македонскиот судски систем.
Јазот меѓу македонскиот народ и државните институции стана се’ поголем. Во нив независно дали ги управуваат наводни Македонци или странци, за него и неговите интереси има се’ помалку место. Одличен е предлогот на премиерот Груевски, дијаспората да има 20 пратеници и мнозински систем, но веќе други одлучуваат за тоа. Зошто Македонија се трансформира во колонија? Бидејќи Груевски е непосакуван од Западот, а опозицијата нема капацитет да ја земе власта ниту парламентарно, ниту терористички како во Украина. Ако имаше таков капацитет ќе останевме протекторат. А, дали можеме да бидеме самостојна држава? Само преку победа над странските колонијалисти и домашните колаборационисти и со градење на вистински македонски институции.