![nato vo litvanija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/10/nato-vo-litvanija.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Северноатлантскиот сојуз нема да може да изведе брзо распоредување на војските, доколку врз неговите источноевропски членки биде извршен воен напад од Русија, заклучува германскиот весник Spiegel во саботата од содржината на таен извештај на НАТО за кој тврди дека го има на увид, кој ја доведува во прашање способноста на Алијансата да се справи со воен конфликт.
Како што забележува весникот, во документот под наслов „Прелиминарен извештај за зајакнување на одбранбените и способности за одвраќање на Алијансата“, се доведува во прашање способноста на силите на коалицијата да „дејствуваат брзо и, доколку е неопходно, рационално“.
„Способноста на НАТО логистички да оствари брзо префрлање на силите на многу раширена територија, под одговорност на Европската команда, е деградирана од крајот на Студената војна“, го цитира Spiegel споменатиот документ.
Натаму се наведува дека „дури и на силите за брза реакција не можат да се потпре“, како и дека „нема доволно сигурност дека дури и интервентните сили на НАТО се способни да реагираат брзо, доколку е потребно“.
Портпаролката на Алијансата, Оана Лунгеску, одбила да ги потврди или негира информациите во германскиот весник. Истовремено, таа истакнала дека „силите на Алијансата се во состојба на борбена готовност и можат да бидат предислоцирани во кое и да е време“.
Балтичките, каде што има значително руско малцинство, и скандинавските земји членки на НАТО се чувствуваат особено загрозени од Русија поради нараснатата руска воена моќ и акциите што ги преземаа руските воени сили во судирите во Грузија пред шест години и наводното руско мешање во судирот во Украина кој трае од 2014 година. Особено ги загрижува присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим по референдумот на тамошното населени од март 2014-та на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија. Оттаму земјите од Балтик и Скандинавија инсистираат на надминување на недостатоците во одбраната што е можно поскоро.
Последните години, инаку, на руските граници се изведуваат константни воени маневри на комбинирани сили на Алијансата а воените бази во Полска, Естонија, Литванија и Летонија се зајакнати со постојани ротации на сили на НАТО. Истовремено, Русија изведува чести вежби на своите западни граници и ги засилува ракетните батерии во енклавата Калининград.
„Знаеме дека мораме да се прилагодиме и да го модернизираме сојузот и неговите командни структури“, изјавила за Spiegel норвешката министерка за одбрана Ине Марие Ериксен Серјде. Новата структура траба да даде поддршка „на кревките региони на Балтик“, потврдува нејзиниот литвански колега Раимундас Короблис. Данскиот министер Клаус Хјорт Фредерискен, пак, предупредува дека „Русија го крши меѓународното право“, поради што Алијансата треба да ги преиспита своите структури. „НАТО е најсилниот одбранбен сојуз на светот, бидејќи повеќе од 70 години постојано се прилагодува на новите предизвици“, вели Фредерискен.