Во издание на Центарот за културна иницијатива од Штип деновиве беше објавен новиот, 73. број на списанието за уметност СУМ кое во целост, како монографско издание е посветено на творештвото на поетот, литературен критичар и антологичар Раде Силјан.
Вистинските поети, се чини, се оние што ѝ остануваат, од почетокот до крајот, верни на поетската вокација. Такви биле во светските поезии Неруда, Монтале, Гилвик… такви ќе истраат во македонското пеење Шопов, Матевски, Ренџов… Раде Силјан, од својата генерација е секако еден од нив.
Ова е дел од освртот што академик Луан Старова во 2007 година го посвети на творештвото на еден од најзначајните домашни поети, критичари, теоретичари, антологичари, Раде Силјан. Освртот е поместен во новиот 73. број на списанието за книжевност и култура СУМ, кое како специјално, мини-монографско издание е во целост посветено на творештвото и дејноста на Силјан на нашата книжевна сцена.
Извадоци од целокупното творештво на авторот кој повеќе од пет децении со своите поетски и антологиски дела зема удел во насочувањето на современата македонска култура, се собрани на повеќе од 180 страници во списанието. Стиховите од песните „Секојдневие“, „Лажно време“, „Блажена“, „Бакнежот на младоста“, „Видовита песна“, „Гласот на предците“ се дел од антологските поетски творби на Силјан поместени во новиот број на СУМ.
Особено значајно место во монографското издание на СУМ имаат и освртите на бројни наши и странски академици, книжевници и теоретичари кои по разни прилики ги изговориле или напишале за Силјан и за неговото творештво. „Раде Силјан – гласник на јанѕата“, „Тегобноста на сенките“, „За болката наречена татковина“ ја сочинуваат збирката од повеќе од четириесет книжевни слова и осврти за творештвото на Силјан, собрани на едно место во новиот број на списанието СУМ.
„Речиси сета поезија на Раде Силјан претставува една единствена книга, едно пеење, псалмично интонирано, со една задржана, дискретна, исповедна мелодија, еден вербално смирен, тажовен и замислен монолог под кој живее и боледува драмата на поетот и човекот“, пишува академик Матеја Матевски во поговорот кон „Провев во татковината“ од Силјан.
Со слично слово и академикот Гане Тодоровски се осврна за творештвото и делувањето на Силјан на нашата културна сцена. „Раде Силјан не е само поет и преведувач, и есеист и редактор, туку е во пошироката или, ако сакате, најшироката смисла на зборот – човек на културната акција“, напиша Тодоровски во предговорт на книгата „Пресликано време“ од Силјан.
Меѓу страниците на СУМ се поместени и бројни фотографии од промоции, фестивали и книжевни средби на Раде Силјан со автори како Десанка Максимовиќ, Гаетано Лонго, Владимир Костов.