Сплит во пламен, повредени околу 80 лица (ВИДЕО)

Беснеат пожари долж јадранскиот брег. Во Сплит загина еден човек а десетици останале без дом. Состојбата со пожарите на црногорското приморје е тешка, побарана е помош и од ЕУ.

Далмација синоќа беше во пламен, а во вечерните часови оганот влезе и во Сплит. Од 7 часот утрово на помош пристигнаа и авионите за гаснење пожари, „канадер“ и „ертрактор“. Небото над Сплит е сиво и изгледа како покриено со густи облаци.

Шумски пожари беснеат и во Срњине, Жрновница, Подстрана, Строжанец. Изгорени се голем број куќи на перифериите на населените места, како и деловни објекти и автомобили. Дел од населението самоволно ги напушти живеалиштата во загрозените подрачја. Во „Спаладиум арена“ е отворен прифатен центар. Ангажирани се и спасувачи, екипи на брза помош, како и полицијата.

Во пожарот што од вчера беснее на потегот од Сплит до Омиш полесно се повредени околу 80 луѓе, главно пожарникари, и за среќа нема потешко повредени.