Откако Владата на Република Македонија соопшти дека е постигнат договор за спорот со името со Грција, договор кој според многу е катастрофален за македонската страна, од таму информираа дека споменикот „Воин на коњ“ ќе се преименува во Александар Македонски, меѓутоа ќе се прецизира дека потекнува од Хеленското наследство и ја отсликува хеленската култура.
Воинот на коњ тоа што вистински е, Александар Македонски и ќе дадеме објаснување во рамките на споменикот за што станува збор. Односно Александар Македонски како дел од хеленскиот антички период и како светско културно наследство, изјави на прес конференција Миле Бошњаковски.
Со договорот Владата сега се откажува од Александар Македонски како македонско културно наследство, а споменикот кој е поставен на плоштадот во Скопје, според зборовите на претседателот на ДУИ и коалиционен партнер во сегашната Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев бил договорен токму во времето кога истите партии биле коалициони партнери во власта во периодот од 2002 до 2006 година. Ова тврдење Али Ахмети го изјави во 2011 година во емисијата на сегашниот министер во Владата, Роберт Поповски.
Друго што сакав да потенцирам во однос на поставувањето на Александар Велики, да бидеме искрени, е одлучено во време на владеењето на ДУИ и СДСМ. Донесена е одлуката во градот Скопје, и таа е изгласана во советот на град Скопје. Одлуката за поставување на Скендербег е донесена во град Скопје, а и за поставување на Александар Велики, изјави Али Ахмети во 2011 година, во гостувањето во емисијата Х/0, на сегашниот министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
Во 2011 година од СДСМ ниту ја потврдија, ниту ја демантираа оваа информација. Инаку, долги години реториката на сега владејачката партија беше дека преку споменикот „Воин на коњ“ власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги нарушувала односите со Грција.
Во минатото на партиските прес конференции СДСМ изјавуваше дека Александар Македонски е една од најзначајните личности во историјата на Република Македонија. Иако сега како власт СДСМ се откажа од него како дел од македонската историја, поранешната пратеничка на сегашната владејачка партија, Ана Павлоска Данева говореше друго.
СДСМ нема ништо против оддавање на почит кон ликот и делата на значајни историски личности во Република Македонија, вклучително и на Александар Македонски, Мајка Тереза, Ченто, Кузман Јосифовски Питу итн., изјавуваше Павловска Данева.
Александар Македонски е најголемиот македонски крал и за Љубомир Јанев, министер за животна средина во Владата на СДСМ од 2002 до 2004 година, како и градоначалник на Кочани од 2005 до 2009 година, позиција на која дојде како кандидат на СДСМ.
Оваа манифестација насловена како царот на царевите, кралот на кралевите- Александријада, во чест на2361 година од раѓањето на нашиот најголем крал Александар Македонски, изјави Јанев како градоначалник на Кочани на отворањето на манифестацијата Александријада.
Инаку, голем број граѓани секојдневно жестоко кажуваат дека се против овој договор, кој според нив е капитулантски и катастрофален за Република Македонија, договор каде се сруши основната црвена линија на македонската страна, т.е. се прифати ерга-омнес решение, името да биде севкупна употреба, што ќе донесе до менување на Уставот на државата, нешто што и самиот премиер Заев вети дека нема да се случи додека беше во опозиција.