![mickoski-1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/06/mickoski-1-5.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го предупреди собранискиот спикер Талат Џафери дека објавувањето на Договорот за името и на Законот за јазиците во Службен весник без потпис на претседателот е кривично дело и ќе дојде ден кога ќе одговара за тоа.
Гледаме како Талат Џафери со неподнослива леснотија вели ќе го објавел договорот со Грција, и договорот за двојазичност без потпис од претседателот, што, предупредувам преставува ново кривично дело, чија одговорност брзо не застарува, и ќе дојде ден доколку се случи таков чекор, одговорноста за ова и многу други работи да биде покрената, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Нашата држава, како што вели, „преживеала многу лаги и изневерени очекувања, ќе ги надмине и овие Заевизми, но проблемот е што додека ние како општество тонеме, целиот регион оди напред, и испуштаме драгоцено време”.
Подобриот живот се мери преку квалитетот на живот, а тој е со секој изминат час се полош и понизок. Затоа се потребни промени, пишува Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, изјави дека на претседателот Ѓорге Иванов му станало пракса да го крши Уставот односно да се меша во работата на законодавната власт.
Истовремено најави дека доколку Иванов по втор пат не го потпише Указот за договорот со Грција, овој закон заедно со законот за употреба на јазиците само со негов потпис ќе биде испратен до Службен весник.
Нема да дозволам Претседателот да ги злоупотребува овластувањата што му припаѓаат на Собранието. Собранието има и обврска и уставно право своите одлуки да ги спроведува до крај. Сите други институции што имаат уставна обврска да ги проследат потребните процедури, треба да го почитуваат уставот и волјата на Собранието и да ги спроведат до крај. За сите можни дилеми за одлуките што ги носи собранието, уставот има назначено посебен орган, а тоа е Уставниот суд кој што е надлежен за чекорите на секој еден граѓанин или институција, рече денеска Џафери.