Според експертите, измените во КЗ не се за европско право, туку служат за дневна политика

Неточни се тврдењата дека измените во Кривичниот законик се по терк на европското право. Од невладината Транспаренси интернешeнeл, велат, Унијата препорачува ригорозни казни за злоупотреба на функцијата, а во некои случаи, таквите кривични дела се бара и воопшто да не застаруваат.

„Препораките на Европа, на Европската комисија се во спротивна насока. Казните треба да бидат посериозни и дека периодот за застарување треба да биде подолг, дури и дека во одредени ситуации не треба да има период на застарување на коруптивните кривични дела. Објаснувањето дека ова е усогласување со европското законодавство, не е коректно и не е точно. Ова е само усогласување со потребите на нашата дневна политика. Ова не е ништо друго, туку дневно политиканство и избегнување да бидат санкционирани лицата кои практикувале корупција и коруптивно однесување“, вели Слаѓана Тасева, Транспаренски интернешнл – Македонија.

Според Тасева, измените во Кривичниот законик понудиле двојна придобивка за обвинетите кои одговараа за злоупотреба на положбата. Освен застарување и ослободување од одговорност, ќе имаат и заработка.

„Државата, сега нормално ќе им ги плати штетите, уште повеќе од она што го зеле веќе, ќе добијат уште повеќе од нашата сметка, од граѓаните, од буџетот. Буџетот ќе мора да им ги надокнади трошоците за адвокати и за деновите поминати во притвор. Значи, не само што онаа еднаш го земале со злоупотреби на службената положба, уште и дополнително ќе земат од она што може да се искористи за градење на болници или училишта“, вели Тасева.

Измените во Кривичниот законик беа донесени во септември, а властите тврдеа се работи за усогласување со европските закони. Беа намалени затворските казни, па преку ноќ настапи застареност за 40тина судски предмети. Последен во низата беше предметот „Змиско око“, каде обвинетите одговараа дека парите од наплата на патарини ги ставале во џеб и заработиле милиони евра. Сега, сите најавија дека ќе бараат оштета за трошоците од судењето кое застаре заради измените донесени од Владата.