Германски „Билд“ објави дека украинската тајна служба во неделата се обидела да го убие рускиот претседател Владимир Путин со беспилотно летало- камиказа. Иако обидот за атентат не успеал, руските власти го чуваат овој обид во тајност.
Дронот UJ-22 полета во Украина во неделата попладне. Тоа е најмодерниот украински дрон со среден домет до 800 километри. Целта наводно била новоизграден индустриски парк во близина на Москва, кој се наоѓа на 500 километри од Украина.
Украинскиот активист Јуриј Романенко, за кој се вели дека има блиски врски со киевските разузнавачки служби, во писмото со кое ја презема одговорноста, вели: „Минатата недела нашите разузнавачи добија информации за патувањето на Путин во индустрискиот парк Руднево. Соодветно на тоа полета наше беспилотно летало камиказа, кое прелета низ целата воздушна одбрана на Руската Федерација и се урна недалеку од индустрискиот парк“.
Неколку руски медиуми веќе објавија пад на беспилотно летало UJ-22 во близина на селото Вороского, источно од Москва. Местото на несреќата е на околу 20 километри источно од индустрискиот парк Руднево.
На снимката се гледа дека на дронот имало 30 блокови од експлозив Ц4 со вкупна тежина од 17 килограми. Експлозивните полнења М112 користат, меѓу другите, Армијата на САД и канадските вооружени сили.
Личниот дописник на Путин од Кремљ, Павел Зарубин, во неделата наутро изјави дека претседателот планира „да посети индустриски парк во Москва“. А, кога требаше да биде таа посета, не објави.︎ Руски минувачи во неделата попладне објавија фотографии од индустрискиот парк Руднево, на кои се гледа сивиот тревник пред главната зграда со зелена боја, пишува Билд.
Сепак, не е јасно дали шефот на руската држава сакал да го посети индустрискиот парк во недела или во понеделник. Од безбедносни причини, посетите на Путин понекогаш се вршат еден ден пред да бидат објавени.