Според Ковачевски, илјадниците вработувања не се поврзани со изборите

Не било предизборно вработување што на 4 месеци пред гласањето се отворени купишта нови огласи за работа, а и дури сега се решава статусот на над 1000 вработени во здравствениот сектор, смета премиерот Ковачевски. Иако, овие луѓе после изминатите години молеа за слух од надлежните, протестираа – сега предизборно, добија решенија за трајно вработување.

Тоа што сега им текна, во 5 до 12, дека треба да се позанимаваат со луѓето кои работат по болниците со договори на дело и хонорарно, а воедно и да ги отворат ширум вратите по електраните и другите инститции под државна капа, Ковачевски се правда не e поради изборите. Изборите биле дури во мај.

-Не се работи за никакво предизборно вработување, бидејќи тоа се веќе луѓе кои се во тие институции и сите кои одиме јавното здравство сме се сретнале со нив, вели Ковачевски.

Зошто се чекало дури до сега за да се реши проблемот особено со вработените во јавното здравство, според него, било поради буџетот, а не дека има заднина и политичко влијание.

– Во текот на изминатиот период беа напревени пренамени на буџетот, се одвоија финансиски средства исто така и за голем број на инвестиции. Вие може да ме прашате зошто владата одвои 32,5 милиони за 44 општини и 66 проекти, дали е тоа во предизборни цели, пак ќе ви одговорам не е во предизборни цели. Избори ќе има во мај, после пак ќе има во 2025 локални избори, бидејќи истече и мандатот на градоначалниците, кај и да е, ништо не направија, најголемиот дел, меѓутоа отиде мандатот, рече Ковачевски.