Според ОН, предлогот за нов британски закон за имиграција е во спротивност со меѓународното право

Британскиот Парламент гласаше за предлогот за нов закон за имиграција, кој Обединетите нации го оценија дека не е во согласност со меѓународното право. Законот е клучен чекор за конзервативниот премиер Риши Сунак, кој ја стави борбата против илегалната имиграција приоритет.

Новиот закон има за цел да ги спречи мигрантите кои нелегално пристигнале во Британија да бараат азил во таа земја.

Предлог-законот, кој синоќа го усвои британскиот Парламент, е во спротивност со обврските на Велика Британија кон меѓународните човекови права, се вели во соопштението за печатот на високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Турк и високиот комесар на ОН за бегалци, Филип Гранди.

Тие изјавија дека законот ќе има „длабоки последици за луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита“.

Нацрт-законот допрва треба да биде потврден од кралот Чарлс Трети.