Според Петков, Слави Трифонов бил коалиционен партнер на мафијата

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков на вечерашната вонредна прес конференција рече дека со излегувањето на „Има таков народ“ на Слави Трифонов од владината коалицијата, мафијата во Бугарија го изгубила коалициониот партнер.

Петков им се заблагодари на пратениците од „Има таков народ“ кои не ја послушаа одлуката на лидерот Трифонов и остануваат во владината коалиција.

-Сакам да им се заблагодарам за големата храброст на луѓето како Радостин Василев, кој во последните месеци со сите сили се бореше за борба против мафијата во спортот. Благодарност и до Георги Георгиев, Иво Атанасов, Николај Радулов, Дејан Петков и Светлин Стојанов. Денеска видов некои храбри луѓе кои знаат дека нивната лојалност не е кон бекстејџ пејачот. Овие луѓе се навистина храбри, Бугарија има шанса. Мафијата штотуку го загуби коалициониот партнер. Тврдам дека се загрозени и други пратеници и дека и овие лица ќе добијат заштита. Веќе има закани за пратениците на ИТН – и тие ќе добијат заштита. Мафијата не може да оди против цела држава. И да – промената продолжува. Да бев на местото на задкулисните, веќе ќе се плашев страшно, изјави премиерот Кирил Петков.