Според руското ФСБ можно е зад нападот крај Москва да стојат САД, Велика Британија и Украина

Директорот на руското разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александр Бортников ја оцени како многу веројатна тезата дека одговорноста за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“ крај Москва паѓа на САД, Велика Британија и Украина.

Веднаш по нападот со најмалку 139 убиени, од кои 40 од огнострелни рани а другите од задушување од чадот по подметнатиот пожар, и 181 ранети Вашингтон и Киев објавија дека украинската страна не стои зад нападот, а ултрарадикалната џихадистичката групација Исламската држава дури двапати ја презема одговорноста. Сепак, Москва укажува на фактите дека четворицата директни извршители на масакрот веднаш се обиделе да пребегаат кон Украина каде по нивно признание имале контакт, и укажува на недоследноста во објавите на Исламската држава во однос на нејзините претходно преземања на одговорноста за терористички напади извршени од нејзини приврзаници.

„Ние мислиме дека е така. Во секој случај, сега зборуваме за показателите со коишто располагаме. Тоа се општи информации, така да се каже, меѓутоа има веќе и одредени работи“, вели Бортников во интервјуто со познатиот руски новинар Павел Зарубин.

 

Украинска трага

„Дефинитивно можам да кажам дека има политичка заднина. Ниедни исламисти сами не можеле да подготват таква акција. Се разбира, им беше помогнато. И ја гледаме украинската трага, тоа го кажа и претседателот (на Русија, Владимир Путин)“, му одговори шефот на ФСБ на новинарот Зарубин.

„Примарните податоци што ги добивме од приведените го потврдуваат тоа“, нагласи тој.

Бортников, исто така, истакна дека шефот на државата на ФСБ му ги дал сите соодветни инструкции и налози, и оти се работи во таа насока.

„Понатаму ќе разработиме информации што треба да ни покажат дали присуството и учеството на украинската страна е реално или не. Засега ги има сите причини да се каже дека е токму така. Бидејќи самите бандити имале намера да заминат во странство, токму на територијата на Украина, според нашите прелиминарни информации, таму ги чекале“, рече тој

Бортников појасни дека нарачателот на терористичкиот чин сѐ уште не е идентификуван, но во ФСБ воочиле кој го организирал нападот и ги врбувал извршителите. Според него, терористичкиот напад оди во полза на западните разузнавачките служби и на власта во Киев со цел да се потресе ситуацијата во Русија и да се предизвика паника во општеството.

„Сметаме дека акцијата ја подготвувале како и самите радикални исламисти, така, нормално, и западните разузнавачки служби, а самите украински специјални служби непосредно се поврзани со тоа“, истакнува шефот на руската ФСБ.

Бортников нагласи дека терористите имале намера да пребегаат на територијата на Украина, како и дека таму ги очекувале и се подготвувале да бидат пречекани „како херои“.

Четворицата директни извршители рано утрото во саботата се уапсени во шумата во Брјанската област, на 85 километри од украинската граница, на околу 500 километри јужно од Москва. Според претходните изјави на челниците на руските служби за спроведување на законот, откако било идентификуван нивниот автомобил „рено“ на патот кон границата тие биле следени до местото за кое се верувало дека ги чека нивниот контакт.

Бортников истакна дека ФСБ има несоборливи докази дека властите во Киев организирале воени обуки на џихадистички милитанти на Блискиот исток. Вели дека украински специјалци престојувале на локациите на кои се групирани милитантите и изведувале нивна обука за терористички и борбени дејствија.

„Тоа го потврдува и големиот број странци кои војуваат на страната на киевскиот режим…. тоа се и националисти, и платеници и исламисти“, истакна Бортников.

 

За СБУ и Буданов

Директорот на руското разузнавање изјави во разговорот и дека украинското разузнавање Служба за безбедност на Украина (СБУ) мора да биде означена како терористичка организација, имајќи ги предвид бројните терористички операции изведени и на руската територија и во украинските проруски региони под контрола на руските војски, за кои самата ја преземеше одговорност.

Што се однесува до украинското воено разузнавање Главната управа за разузнавање (ГУР) и нејзиниот челник Кирил Буданов, Бортников потсети дека тој одамна е легитимна цел на руските безбедносни и правосудни органи.

„Оние коишто извршуваат злосторства против Русија и против руските граѓани, претставуваат легитимна цел“, истакна шефот на ФСБ.

На прашањето на новинарот зошто Буданов и неговите соработници „сѐ уште се живи“, Бортников кусо одговори во смислата „има време“.

 

На што предупредуваа САД

Информацијата за подготовката на терористички напад во Русија, којашто САД ја пренеле на почетокот од март имала општ карактер, тврди Бортников.

„Таа информација беше од општа природа, за подготовка на терористички чинови на места на масовно собирање на граѓани. Ние одговоривме на оваа информација и, се разбира, преземавме соодветни мерки за спречување на пројави од тој вид“, истакна директорот на руската ФСБ.

Бротников додаде дека безбедносните сили преземале акција „против одредена група и конкретни поединци“ и во тој момент информацијата не била потврдена. Зборувајќи за тоа дека предупредувањето се однесувало на претседателските избори (од 15-ти до 17-ти март), а не на концерти, Бортников нагласи дека таква информација имало на почетокот од март.

„Она што се случи сега, за голема жал, беше веќе беше последователен (по тајмингот од информацијата и изборите – з.р.) напад“, додаде Бортников.

 

Текот на истрагата

Активно се работи со сите 11 приведени во врска со терористичкиот напад, вели Бортников и нагласува дека со напредувањето на истрагата сигурно е оти бројот на соучесниците ќе се зголемува.

„Кругот се шири, а бројот на соучесниците кои учествувале во подготовката, нормално, ќе биде поголем“, вели тој.

 

Во моментов ФСБ заедно со разузнавачките служби на пријателските земји, ги идентификува сите вклучени во нападот во „Крокус Сити Хол“, вели Бортников без да именува за кои земји станува збор.

„Одмазнички мерки секако ќе бидат преземени, а сите инволвирани во терористичкиот напад ќе се соочат со неизбежната казна“, додаде Бортников.

Рече и дека ФСБ работи во многу напрегнат режим, имајќи ги предвид проблемите во контекстот на војната во Украина, но дека сепак добро справува со задачите и уверува дека службата е способна да се справи со сложените проблеми.