Според Тома Фила, Путин ќе го снајде српското сценарио како со Милошевиќ

Судот во Хаг наложи апсење на рускиот претседател Владимир Путин за извршени воени злосторства во Украина, а српскиот адвокат Тома Фила вели дека тој може да заврши како екс српскиот претседател Слободан Милошевиќ.

Фила за „Телеграф“ вели дека само државите кои се потписници на Спогодбата имаат обврска да испорачаат осомничени за воени злосторства.

„Единствено што може да се случи е да се повтори српското сценарио како во случајот со Милошевиќ“, смета Фила.

Освен налог за апсење на Путин, издаден е и налог за апсење на неговата комесарка за права на децата Марија Алексеевна Лвова-Белова, поради противправна депортација на украински деца.

Како што информираше судот „постојат причини да се верува дека секој од осомничените сноси одговорност за воените злосторства како што е противправната депортација на граѓаните на Украина и противправно иселување на жителите на окупираните подрачја во Украина и во Руската Федерација, а на штета на украинските деца.“

Марија Алексеевна Лвова-Белова, родена на 25 октомври 1984 година, комесар за правата на децата во Канцеларијата на претседателот на Руската Федерација, наводно е одговорна за военото злосторство илегална депортација на населението (деца) и нелегално преселување на население (деца) од окупираните територии на Украина до Руската Федерација (според членовите 8(2)(a)(vii) и 8(2)(b)(viii) од Римскиот статут). Таа тврдела дека децата кои се однесени во Русија, го навредуваат Путин, ја пеат украинската химна, но со текот на времето тоа ќе се смени.

Веднаш откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин, експерти и аналитичари почнаа да пребаруваат низ списокот на потенцијални ангажмани на Путин во земјите каде што налогот – барем теоретски – може да се спроведе.

Москва ги отфрла обвинувањата за наводно присилно преселување на Украинци. Руската страна никогаш не криеше дека илјадници деца од Украина, од областите на коишто е доминантно руското и рускојазичното население се евакуирани во Русија во рамките на хуманитарни акции за да ги заштити сирачињата и напуштените деца од зоната на судирот, кои добиваат сместување, здравствена заштита и образование. Украина, пак, тврди дека илјадници деца се депортирани и се усвојуваат во руски семејства, сместуваат во кампови и сиропиталишта и се воспитуваат да го отфрлат украинското државјанство.

Русија го потпиша учеството во Римскиот статус за Меѓународниот кривичен суд во Хаг на 13-ти јуни 2000 година, но истапи од него на 16-ти ноември 2016 година. АД тогаш изразија „жалење“ поради таквата одлука на Москва да се повлече од Трибуналот, иако самиот Вашингтон тоа го стори 14 години претходно. Тогашниот портпаролот на американскиот Стејт департмент Џон Кирби изјави дека САД сметаат дека тоа е суверена одлука на секоја земја.

Москва тогаш оцени дека Трибуналот не го оправдал надежите кои се полагани во него и дека не станал независно правосудно тело со меѓународен авторитет. Русија, меѓу другото, тогаш образложи дека не може да биде индиферентна кон ставот на Трибуналот од август 2008 година кога режимот на тогашниот грузиски претседател Михаил Саакшвили, кој подоцна по превратот во Киев од 2014-та извршуваше политички функции во Украина, ја нападна автономната кавкаска област Јужна Осетија при што беа убиени руските мировници, а Трибуналот спротивно обвини руски војници и јужноосетиската милиција