Според владеењето на правото, Македонија е на нивото со Монголија, Казахстан, Индонезија и Молдавија

Македонија е рангирана на 67 место меѓу 142 држави на најновата глобална листа според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда, со оценка од 0,53 поени, иста како и во претходните три години.

Според критериумот ограничување на моќта на властите, земјава е на 97 место со оценка 0,47, според отсуството на корупција на 75-то со индекс 0,45, според транспарентност на Владата на 70-то со оценка 0,50, а според основните права на 56-та позиција со оценка 0,60. Кога станува збор за критериумот ред и безбедност, Северна Македонија на 43-то место со оценка 0,80, според спроведување на регулативи на 94-та позиција со 0,46, според граѓанска правда на 75 место со индекс 0,52 и според кривична правда на 72-то со 0,44 поени.

Во однос на минатата година, иако има иста оценка, земјава е рангирана четири места подолу и сега е на ниво со Монголија, Казахстан, Индонезија и Молдавија.

Од земјите во Западниот Балкан, подобро од Северна Македонија на вкупната листа се рангирани Црна Гора и Косово на 57-то, односно 58-то место, со оценки 0,56, а послабо е Босна и Херцеговина, која е 75-та со индекс 0,51, Албанија и Србија на 91-то, односно на 93-то место со 0,48, како и Турција, која е на 117-то место со оценка 0,41.

Од 27-те членки на ЕУ, послабо рангирана од земјава единствено е Унгарија со оценка 0,51 на 73-то место, додека од останатите држави на Унијата од балканскиот регион највисоко на листата е Словенија со индекс 0,69 на 27 место, по што следуваат Романија со 0,63 на 40-то, Хрватска и Грција со по 0,61 на 45-то односно 47-то место и Бугарија со 0,56 на 59-то место.

Инаку, најголем раст во споредба со лани, меѓу членките на ЕУ имаат Бугарија и Словенија, а најголем пад бележат Грција и Белгија, која е 16-та со оценка 0,78.

На првите две места на листата се две членки на ЕУ – Финска и Данска со оценки 0,84, односно 0,83, по што следуваат Норвешка исто со индекс 0,83, Шведска и Австрија со по 0,79 и Германија со индекс 0,78. Седмопласиран е Сингапур со оценка 0,77, по што следуваат Јапонија (0,76), Естонија (0,75) и Холандија (0,74).

На самото дно како 142 е рангирана Венецуела со оценка 0,27 поени, а пред неа се Камбоџа со 0,31, Авганистан со 0,32, Хаити и ДР Конго со 0,34 и Никарагва, Египет, Мјанмар и Камерун сите со по 0,35 поени.