Спорната зграда во паркот во Ѓорче Петров почна да се гради

Градоначалникот Александар Наумовски, дури еден период демантираше дека е дадена маркица за зграда во реонскиот парк.

И покрај бројните реакции и противења на жителите на Ѓорче Петров во централниот парк на населбата да се гради станбена зграда, сепак со согласност на локалната власт, инвеститорот веќе ги почна градежните работи.

 

Градоначалникот Александар Наумовски, дури еден период демантираше дека е дадена маркица за зграда во реонскиот парк.

„Станува збор за шпекулации и груби невистини изнесени од страна на некои портали. Од паркот нема да се одземе ниту милиметар зелена површина, одговорно тврдиме. Се работи за измена на план за кој Ѓорче треба да добие вистинско градско јадро кое ќе личи, на кое ќе има Корзо со кафетерии и други организирани содржини за сите возрасти“, велеше Наумоски.

Генералната забелешка на јавноста беше и дека зад „корзото“ најверојатно стои личен интерес на Наумоски, бидејќи на парцелата каде што се гради зграда, земјиште поседува и градоначалникот на општината.

Ова го тврдеше и советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска. Но, и според податоците од Агенцијата за Катастар, на оваа локација право на сопственост на 31 м2 делат таткото на Наумоски, Бранко и негов роднина. Поточно тие имаат право на сопственост на по 15,5 м2 во дел од стара приземна т.н. зграда, чија вкупна површина изнесува 399 м2. Дел од таа квадратура корисниците си откупиле и сега се сопственици. Но, дел сѐ уште се води со право на сопственост, како во случајот на семејството на градоначалникот Наумоски.

Земјиштето, пак, под објектот што ќе се гради и околу него изнесува 921 м2, и е во сопственост на Република Македонија.

„Јавниот интерес“ кој Наумовски очигледно го препознава во уништување на зелената површина и изградба на станбена зграда во дел од паркот е поголем и приоритетен во однос на реконструкција на детското играчиште кое се наоѓа веднаш до започнатата градба.

Игралиштето е во очајна сосотојба, со искршени нишалки и други небезбедни содржини за децата.

 

 

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.