Спортскиот центар „Јане Сандански“ се отвора утре

Новиот спортски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ свечено ќе се отвори  утре, во 11.30 часот.

На отворањето ќе присуствуваат и ќе се обратат претседателот на Владата, Никола Груевски, инвеститорот на објектот Сергеј Самсоненко, градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, Генералниот менаџер на Спортскиот Центар Надица Димовска, како и гереналниот менаџер на хотелот„ Русија“ Дина Муцунска.

Ќе биде пуштена во употреба арената, односно централната сала со капацитет од 6.500 посетители, како и хотелот „Русија“. Потоа ќе се отвори помошната спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.500 посетители, како и конгресниот центар.

Дополнителните спортски капацитети планирани се да бидат пуштени во употреба до крајот на годинава, а тоа се тениски игралишта, фитнес и аеробик центар.

На западната страна од спортскиот центар има обезбедено место каде ќе се продаваат спортска опрема и реквизити, а планирана е и игротека.

Во процесот на изградба на спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, 5 странски, како и околу 1.600 работници, а целиот проект беше завршен за 16 месеци.

Хотелот „Русија“ пак, ќе располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Воедно хотелот ќе содржи спа центар и руф бар.

Целиот проект е изграден со јавно приватно партнерство на компанијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и општина Аеродром.