Саудиските безбедносни сили спречиле во петокот „терористички напад“ на Големата џамија во Мека каде што се собрани илјадници верници, објави министерството за внатрешни работи во Ријад.
Единаесет лица, од кои шест аџии и пет полицајци, се повредени кога се урнал дел од трикатница во која се забарикадирал бомбаш самоубиец и активирал експлозив, соопшти саудиското министерство за внатрешни работи.
Бомбашот самоубиец припаѓал на терористичка група од Мека и Џеда. Пет членови на групата, меѓу кои и една жена, се уапсени, се додава во соопштението.
Нападот бил спречен во петокот утрото по локално време, додал портпаролот на министерството. Полицајците ја опколиле трикатницата во близина на Големата џамија во кој се наоѓал самоубиецот.
„Полицијата го спречи планот на терористите на кои цел им биле аџиите и верниците во Големата џамија. За жал, кога опколениот забележал припадници на безбедносните сили, почнал да пука, што предизвика размена на огнот, пред да предизвика експлозија“, соопшти портпаролот, генерал Мансур ал-Турки во изјава за саудиската телевизија додавајќи дека во нападот се рането шест странски државјани и пет саудиски полицајци.
Двајца аџии уште се хоспитализирани, додека четворица се пуштени по пружената медицинска помош.
Портпаролот појасни дека „терористичката група чија цел била најсветото муслиманско место дејствувала според упатства од странство чија цел е да се наруши безбедноста и стабилноста“ на саудиската држава, но не наведе кој го нарачал нападот, ниту од кој која земја.
Ал-Турки потсети дека „во последните две години се разоткриени неколку терористички ќелии во Мека и нејзините преградија“, додавајќи дека нивната цел е „да се фрли сомнеж на способноста на властите да им ја осигурат безбедноста на верниците“.
Нападот, кој се случил во моментот додека верниците се собирале во Големата џамија последниот петок од рамазанскиот пост, е вториот во кој се цел муслиманското светилиште во Саудиска Арабија за помалку од една година. Во јуни 2016 година во нападот во Медина загинаа четворица припадници на безбедносните сили.