Авион на турската авиокомпанија „Пегасус”, што полетал од Харков, во Украина, вечерва бил принуден од турските военовоздухопловни сили да се приземји во Истанбул по обидот за негово киднапирање од страна на украински патник, пренесоа турските медиуми.
Според непотврдени информации од турските медиуми, украинскиот патник се заканил дека ќе активира бомба доколку авионот, со 110 патници, не се насочи кон рускиот град Сочи, каде вечерва се отвораат Зимските олимписки игри.
Турското Министерство за транспорт во соопштение ја потврди информацијата за инцидентот.
Патникот се обидел да ја искрши вратата што пилотската кабина ја одделува од останатиот дел на авионот, наведуваат медиумите. По алармот даден од пилотот, турските военовоздухопловни сили наредиле итно полетување на авион ловец Ф-16, што го придружувал авионот на компанијата „Пегасус” до Истанбул.
Авионот вечерва во 18:02 часот по локлано време се приземјил на аеродромот „Сабиха Ѓукчен” во азискиот дел на Истанбул и бил опкружен од силите на редот. Екипи на полицијата за борба со тероризмот го проверуваат авионот и извршуваат проверка на патниците.
Се смета дека патникот, кој ја упатил заканата со активирање бомба, консумирал алкохол. Екипажот, меѓутоа, успеал да го смири и да го убеди да дозволи авионот „Боинг 737-800″, да се приземји во Истанбул, соопштија турските медиуми.
„Ако ги одржите Олимписките игри во Сочи, вие од нас ќе добиете подарок… вие и сите туристи кои ќе дојдат на нив”. Тоа се зборовите од веќе добро познатата порака од кавкаските исламисти, неодамна упатена на рускиот претседател Владимир Путин, а и на руската и светска јавност.
Саудискиот принц Бандар бин Султан, од неодамна шеф на разузнавачките и безбедносни служби на Саудиска Арабија, во текот на месец јули 2013 година бил во службена посета во Москва каде разговарал со највисоките руски државници, како и со самиот Путин.
Скоро веднаш по истиот состанок, се појави првата видео снимка во која водичот на чеченските исламисти Доку Умаров се заканува на руските власти дека ќе го попречи одржувањето на олимпијадата, а две недели подоцна доаѓа и до првиот терористички напад во автобус на црноморскиот град Краснодар, каде загинале неколку лица. Крајот на декември минатата година доаѓа и до два големи напади во Волгоград каде загинуваат 32, а ранети се 102 лица.
Во контекст на тие последни напади, Владимир Путин на саудиските власти јавно им изрекол порака која гласи:
„Јас нема да дадам никаква шанса на терористите. Нашиот одговор наскоро ќе ја измени картата на Блискиот исток. Тоа е моето ветување на рускиот народ. Според нашите сознанија, една од терористичките акции е дело на групата која во Сирија ја поддржува Саудиска Арабија“.
Путин се закани со жестоки мерки на раководството на Саудиска Арабија и го повика Советот за безбедност на ОН да ја стави таа држава на списокот на покровители на меѓународниот тероризам.