Спречено киднапирање на Карл Лаутербах, министерот за здравство на Германија

Германската полиција уапси четворица германски државјани под сомнение дека планирале киднапирање на германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.
Се верува дека двајцата главни осомничени се договориле со други да го нападнат сојузниот министер за здравство, изјави во четвртокот портпаролот на обвинителството во Кобленц, потврдувајќи го извештајот на германската телевизија АРД.
Како што пренесува Б92.нет, осомничените кои се уапсени оваа недела се поврзани со групи кои протестираат против ограничувањата на пандемијата и екстремно десничарското движење Рајхсбургер, кое го негира постоењето на модерна германска држава, соопшти обвинителството.
Планираното киднапирање на Лаутербах е последниот во серијата инциденти кои го илустрираат гневот на некои Германци поради ограничувањата наметнати на невакцинирани против коронавирусот и предлогот вакцинацијата да биде задолжителна за сите.
Осомничените во овој случај комуницирале во групата за разговор Vereinte Patriote (Обединети патриоти) и „имале намера да предизвикаат услови како во граѓанската војна и на крајот да го урнат демократскиот систем во Германија“, според обвинителството.
Властите во средата претресоа 20 имоти во неколку германски покраини и запленија оружје, готовина во евра и девизи, златни прачки и сребрени монети. Пронајдени се и фалсификувани сертификати за вакцинација и тестови за ковид.
Обвинителите побараа од судијата да издаде налози за апсење за четворица приведени осомничени, додека петтиот се уште е во бегство.