Еден турски и еден државјанин на Босна и Херцеговина, кои се обиделе да прокриумчарат повеќе од 30 илегални мигранти во Хрватска, се уапсени во пограничната област кај Босанска Градишка, потврди во понеделникот Граничната полиција на БиХ.
Последниот обид за криумчарење мигранти бил откриен во неделата при надзор на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, кога полицајци запреле комбе со босански регистарски таблички во рутинска контрола.
Граничните полицајци во тоа возило пронашле 23 странци кои со себе немале документи за идентификација. 21 од нив во полиција изјавиле дека дошле од Сирија, додека двајца се изјасниле како државјани на Египет.
Граничната полиција случајот го пријавила во Обвинителството на БиХ, а Турчинот кој го управувал комбето е уапсен и префрлен во притвор на државниот суд. Сега ќе се соочи со обвинение за криумчарење луѓе.
Граничната полиција на БиХ потсети дека сличен случај на криумчарење мигранти бил откриен на 20-ти септември. Тогаш, исто така, кај Босанска Градишка затекнале и десет сириски државјани кои исто така се обиделе илегално да ја преминат границата со Хрватска, а ги водел државјанин на БиХ кој бил уапсен и кривично ќе одговара.