Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Што не е јасно посочи дека она што тој и ВМРО-ДПМНЕ во минатото го зборувале сега излегло на виделина, односно како што рече тој се испоставило дека постои спрега меѓу Зоран Заев, СДСМ и СЈО.
Практично излегува на виделина она што ние цело време зборувавме а тоа е дека постои спрега помеѓу Заев, СДСМ и СЈО, и дека СЈО немаше цел да го направи она за кое што беше формирано а тоа е да открие кој прислушкуваше и да го гони високиот криминал во државата, пред се финансискиот криминал, туку имаше за цел да врши политички прогон кон политички неистомисленици , најголем дел од ВМРО-ДПМНЕ, да ги уценува оние кои што ќе прифатат уцена, а оние кои што нема да прифатат уцена да одат по судови и затвори. Тоа беше улогата на СЈО, вели Николоски.
Истакна дека деновиве е актуелно и финансирањето од страна на владата на СДСМ на функционерите од СЈО што уште еднаш ја покажува нивната поврзаност, како и директори на повеќе државни институции , потенцирајќи дека со ваквиот начин на функционирање СЈО целосно ја уништило идејата за правдата во Македонија.
Деновиве гледаме дека таа улога се зголемила и сега стана главен финансиер на СДСМ, односно гледаме дека врвни функционери на СДСМ, како директори на полиција, директори на АЛФИ, на финансиска полиција, советници на министри, синови и ќерка на директори на катастер земале огромни суми на хонорари што значи дека СЈО директно го финансирал СДСМ, што ја покажува спрегата помеѓу СЈО, СДСМ и докажува дека Македонија овие години со СЈО имаше неправда, наместо правда што целосно ја уништи идејата на тоа обвинителство. Првиот човек на алфите земал 33.000 евра, на финансиската полиција 26.000 евра, Катица Јанева земала 157.000 евра додатоци, изјави Николоски.
Николоски праша каде е државната комисија за спречување на корупција, како и јавното обвинителство, и невладините организации да бараат одговор за целокупната состојба за финансирањето на високите функционери, укажувајќи дека претходно постојано барале транспарентност а сега ги нема да побараат никаква одговорност од страна на владата.
Она што јас се прашувам каде Државната комисија за спречување на корупција која што беше многу гласна пред претседателските избори обидувајќи се да наштети на ВМРО-ДПМНЕ и на нашиот претседателски кандидат проф. Силјановска, каде е редовното јавно обвинителство, каде е еден тон невладини организации финансирани од Фондацијата СОРОС кои што претходно не можевме да ги симнеме од телевизиите барајќи некаква транспарентност а сега за огромни суми не можеме да ги видиме А да кажат, нагласи Николоски.