Срамот на власта не се пере – обелоденети стравични четири скандали за еден ден

Денот започна со објавување на новиот скандал за набавка на вакцините од страна на италијанскиот весник „Ла Верита“, според кој Владата во две писма до кинескиот Синофарм од 25 декември 2020 година и 25 јануари оваа година барала да набави кинески вакцини, и навидум се беше во ред и истите требаше да стигнат до сега кога Пекинг решил да ни го врати авансот.

Причина за истото според италијанскиот весник е зделката којашто требало да се одвива преку „фантом фирма“ со седиште во Хонг Конг, а која е наведена во официјалните писма испратени од страна на министерот за здравство Венко Филипче. Фирмата преку која требало да се врши набавката иако имала доволно средства депонирани во германската Дојче банк, немала доволно стабилни темели за да се зделката биде извршена со кинеските власти и според „Ла Верита“ тоа допринело за поништување на процедурата за набавка на кинеските вакцини со Македонија.

Дополнително денеска беше обелоденет уште еден потенцијален скандал каде се спомнува министерот за антикорупција Љупчо Николовски, а е поврзан со сомнеж за нелегален увоз на странски тутун. Имено, според сомнежите уште минатата година биле увезени пет шлепери на тутун од фирмата „Студенац Шпед“ која е во сопственост на Димче Тројановски кој е бизнис партнер на градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски кои двајца луѓе според опозицијата се блиски луѓе на Љупчо Николовски.

Тука се наметнуваат повеќе прашања, каде завршиле петте шлепери тутун од странство и дали фирмата „Студенац Шпед“ има воопшто лиценца за работа со тутун како акцизна стока, како и дали овој увоз на тутун бил извршен од фирма која воопшто не смеела да го увезе?

Уште едно скандалозно однесување денеска од ресорот на здравството, видео во коешто се гледа како министерот за здравство Венко Филипче во операциона сала „оперира“ на телефон, без ракавици, маска и одело за време на сериозна пандемија.

Да се потсетиме дека Филипче посвети голем дел од своето министерување во кампања и скап пи-ар за граѓаните да ги почитуваат мерките против коронавирусот, додека тој си оперирал без никаква заштитна опрема, а истото претставува прекршување на препораките кој тој самиот ги донесе, но и лекарските принципи. Уште еден скандал во низата е случајот кој вчера беше обелоденет за набавката којашто ја направил поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Имено, Рашковски по обвинувања од страна на опозицијата од ноември 2019 година до февруари 2020 година водел процедура за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, за систем за автоматско генерирање на казни за сообраќајни прекршоци, којшто никогаш не стигнал во МВР. Рашковски софтверот го набавил за службите во МВР, но според досегашните информации таков систем никогаш не се користел ниту се имплементирал, туку според наводите наместо за МВР тој го набавил софтверот за којшто и самиот е иноватор со патентирано решение од 2018 година. Да се потсетиме дека ова не е прв скандал со поранешниот генерален секретар на Владата, на истиов му претходи скандалот „Леонардо“, којшто случај сеуште нема никаква разрешница од страна на надлежните институции.

Што е многу, многу е и како капак на се денеска го ставиме извештајот за над 20% зголемен бројот на заболени во однос на претходната недела и почеток на нелогичниот полициски час кој беше на мета на многу реакции од страна на јавноста, граѓаните ќе заклучат дека ова е навистина црн ден за власта, а и лошо му се пишува на премиерот Заев кој едвај собра доверба во Собранието коешто сега е повторно нефункционално.

Скандал до скандал го одбележува денешниот ден, низа сомнежи и потенцијални коруптивни дејствувања, како и непринципиелни однесувања на функционерите од власта го одбележуваат секојдневието, колку се скандали ќе преживеат граѓаните со оваа власт, кога мака се мачи да се преживее коронакризата и високата смртност кои се само капак на се што прави дезорганизираната, коруптивна и власт неспособна да набави ниту вакцини, ниту соодветна здравствена заштита за своите граѓани.

Скандалите само се нижат, надлежните институции немаат одговор, а оправдувањата кои доаѓаат од власта се попусти за да се убеди народот дека ова не е најнеуспешната владата во историјата на Македонија.