Албанија, Србија и Косово деновиве беа погодени од поплави предизвикани од обилни дождови.
Во Албанија меѓу најпогодените места од вчерашните поројни дождови беше Скадар каде беа поплавени куќи, слично како Нови Пазар на југот на Србија.
Според медиумските извештаи, во невремето во Албанија загинале две лица, додека во Црна Гора поплавените реки однесоа три животи.
Поплавниот бран што ја зафати Србија однесе еден живот. Многу жители на градовите во југозападна Србија се борат да ги спасат своите домови од надојдените реки. Во повеќе градови беше прогласена вонредна одбрана од поплави, а во акцијата се вклучи и војската на Србија.
Во Албанија стотици хектари земја се под вода, додека во Косово Вучитрна беше погодена од поплави на 20 ноември.
Американската амбасадорка во Тирана, Јуриј Ким, на социјалните мрежи изрази сочувство до семејството на загинатите татко и син.
Ким рече дека нејзината држава е подготвена да ѝ помогне на Албанија во справувањето со „тешката ситуацијата низ која минува по обилните дождови”, пренесува МИА.
Според извештаите, таткото и синот ги загубиле животите откако возилото со кое патувале вчера беше повлечено во надојдената река кај Голема Малесија.
Во меѓувреме состојбата со поплавите се влошува поради дождот кој непрекинато врне, што услови зголемување на бројот на евакуирани семејства.
Посебно проблематична е состојбата во подрачјето на Скадар и Лежа каде зголемен е бројот на ангажирани припадници на армијата од 100 на 240 кои со 25 моторни возила и соодветна опрема им помагаат на другите структури.
Поради присуство на вода во куќите, евакуирани се 58 семејства со над 250 членови.