Србија: Амбасадите на САД и Украина немаат информации за испорака на оружје во Киев

Амбасадите на САД и Украина во Белград немаат сознанија дека Србија продава или испорачува оружје на Киев, објави Радио Слободна Европа (РСЕ) откако Reuters, повикувајќи се на протечените документи на Пентагон, објави дека Србија наводно се согласила да испрати оружје во Украина или дека веќе испратила.

Британската агенција во средата објави дека Србија, иако единствената земја во Европа која одби да се приклучи на западните санкции против Русија за нејзината инвазија на Украина, „се согласила да достави оружје во Киев или веќе го испратила“.

Reuters објави дека станува збор за доверлив документ на Пентагон во кој се сумирани одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука, помош и оружје, и дека тој документ е меѓу десетиците доверливи материјали објавени на социјалните мрежи пред еден месец во она што се смета за најголемото протекување на американски тајни во последниве години. Исто така, Reuters наведува тврди дека не можел самостојно да ја потврди автентичноста на документот.

„Не можеме да коментираме за наводни доверливи информации, но според нашите сознанија Србија не и продава оружје на Украина“, изјавиле за РСЕ од амбасадата на САД во Белград.

Сличен одговор стигна и од амбасадата на Украина, со напомена дека нивните наоди се засноваат на „јавни изјави на официјални претставници на Србија“.

Во средата, српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ категорички ја негираа испораката и продажбата на оружје и муниција на Украина, отфрлајќи ги како неточни тврдењата од објавените документи на Пентагон.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ ги нарече лага информациите дека Србија ѝ испраќа оружје на Украина и оцени дека целта на ваквите тврдења е да се дестабилизира Србија и да се вовлече во конфликт кој таа не го сака.

„Србија не продаде, ниту ќе продаде оружје на украинската или руската страна или на земјите коишто се во опкружувањето на тој конфликт“, рече Вучевиќ во средата за рускиот портал Sputnik, а неговите пораки беа речиси идентични во изјавата испратена подоцна до медиумите од Министерството за одбрана.

Првиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ на веб-страницата на Министерството за надворешни работи објави демант дека Србија не извезува оружје во ниту една земја доколку тоа би го загрозило регионалниот мир.

„Србија, почитувајќи ги внатрешните и меѓународните правни акти, не извезува оружје и воена опрема во ниту една земја доколку тоа овозможи избивање или продолжување на вооружени конфликти, загрозување на зачувувањето на регионалниот мир и безбедност или загрозување на нејзините одбранбени интереси“, рече Дачиќ. .

Србија се придржува до својата политика на воена неутралност, додава Дачиќ, тврдејќи дека од почетокот на руската инвазија во Украина, од Србија не било извезено оружје на ниту една од страните во конфликтот.

Изјавата на Дачиќ на насловната страница на својата веб-страница на англиски ја објави и руската агенција ТАСС, повикувајќи се и на изјавите на министерот за одбрана Милош Вучевиќ.

Српскиот претседател Алекснадар Вучиќ на почетокот на март, реагирајќи на медиумските извештаи дека оружје од Србија ѝ било доставено на Украина, категорично изјави дека „ниту едно парче српско оружје, орудија или муниција не е продадено на Русија или Украина“.