![србија](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/srbi-a.jpg?resize=696%2C390&ssl=1)
Во Србија денеска е прогласен ден на жалост поради убиството на 12 лица и ранувањето на четири лица во градот Цетиње, во јужна Црна Гора.
Владата на Србија одлуката за Денот на жалост ја донесе на вчерашната седница на предлог на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Седницата почна со едно-минутно молчење за жртвите од масовното убиство во Цетиње.
На 1 јануари во Цетиње, вооружен маж застрела седум мажи, три жени, меѓу кои и сопствената сестра, како и две деца на возраст од 10 и 13 години, по што се самоуби со пукање во главата и почина на пат кон болница.
Четворицата тешко ранети сѐ уште се во болница на лекување.
Државните институции и другите правни лица се должни да го спуштат знамето на Србија на половина копје, а медиумите и културните институции да ги приспособат своите програми на Денот на жалост, кој го прогласи Владата на Србија на предлог на претседателот Вучиќ.
Радиодифузните организации за информирање на јавноста се должни, меѓу другото, во своите програми да емитуваат музика и емисии погодни за денот на жалост, вклучително и емисии наменети за странство – наместо хумористични, забавни, фолклорни и други емисии со забавна и народна музика.
Музеите, театрите, кината, организациите кои имаат музичко-сценски програми, архивите и другите институции од областа на културата се исто така должни да ги приспособат своите програми на денот на жалост.
Фото: FoNet Marko Dragoslavić