Србија доби грант од 600 милиони евра од ЕУ за обнова на пругата Белград-Ниш

Договорот за реконструкција на пругата Белград-Ниш, кој ќе биде финансиран со донацијата на Европската Унија од околу 600 милиони евра, ќе биде потпишан на крајот на февруари, објавуваат српските медиуми.

Донацијата на ЕУ за реконструкција на железницата е најголемиот поединечен грант за проекти што Србија ги добила од ЕУ. Договорот за реконструкција на пругата, кој ќе чини вкупно 2,2 милијарди евра, ќе биде потпишан на крајот на февруари, а на настанот ќе присуствуваат и претставници на државниот врв и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Водечки финансиер на реконструкцијата на пругата Белград-Ниш е Европската инвестициска банка која одобри заем од 1,1 милијарда евра. Европската банка за обнова и развој издвои 550 милиони евра, а дел ќе се финансира од српскиот буџет. Грантот од ЕУ во износ од 600 милиони евра е преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Реконструкцијата на пругата Белград-Ниш е еден од најважните железнички проекти во Србија. Во рамки на проектот ќе се реконструира и пругата во должина од околу 230 километри. Квалитетот на патничките и товарните услуги ќе биде значително подобрен, бидејќи возовите, кога ќе заврши линијата, ќе можат да се движат со брзина до 200 километри на час.

Делницата треба да биде завршена до 2029 година, така што до крајот на оваа деценија патниците ќе можат да патуваат со брза железница од Ниш до Белград, а потоа до Будимпешта.

Во изминатите 15 години, ЕУ беше вклучена во финансирањето на модернизацијата на пет клучни железнички делници во Србија.

Железничката пруга Белград-Ниш е дел од трансевропската транспортна мрежа и затоа е во интерес на Европската унија да ја модернизира. Многу европски коридори минуваат низ Србија, така што некои земји од ЕУ без Србија всушност немаат железничка врска со другите земји-членки. Делницата Белград – Ниш се смета за столб на српската железничка мрежа и клучна рута за поврзување на мрежата на Западна Европа со Западен Балкан и пошироко кон Грција и Турција.