![vjosa osmani](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/vjosa-osmani.jpg?resize=696%2C609&ssl=1)
Косовската претседателка, Вјоса Османи по средбата со специјалниот пратеник на САД за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар изјави дека Косово во преговарачкиот процес со Србија секогаш било конструктивната страна, јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи изјави дека нејзината земја е подготвена да ги зголеми заложбите уште повеќе со цел да се интензивира преговарачкиот процес, додека српската страна ја обвини дека не ги почитува потпишаните договори, посебно оној за растурањето на криминалните структури во северно Косово.
Според косовската претседателка, Србија продолжува да ги поддржува тие илегални структури и финансиски, но и политички.
– Во ова тешко време за светот, Косово е посветено да стори сé што е можно за да ги поддржи сојузниците во одбрана на мирот и демократијата. Тоа го докажавме и со санкциите кон Русија. Денеска разговаравме и за потребата за напредок во процесот на дијалог. Косово секогаш било конструктивната страна во тој процес, изјави Османи.
За посетата на Ескобар, таа рече дека претставува нова потврда за американската поддршка на Косово.
– Историјата потврдува дека ангажирањето на САД во Косово и регионот е од суштинско значење. Што поголемо е ангажирањето на САД толку подобри се резултатите во однос на мирот и стабилноста, изјави Османи.