Владата на Србија донесе одлука да ги ограничи цените на основните животни намирници. Оваа одлука се однесува на шеќерот-кристал, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, свинскиот бут и млекото со 2,8 отсто масленост. Нивните цени не смеат да го преминат нивото што го имале на 15 ноември годинава.
Ограничувањето на цените е утврдено со цел да се отстранат штетните последици и да се спречи нарушувањето на пазарот. Тоа нема да важи за намалените цени, распродажбите, сезонските намалувања или акциските продажби, ако тие биле на сила на 15 ноември. Туку само на редовните, односно цените пред намалување.
Одлуката ќе важи 60 дена и предвидено е дека производителите на тие производи не смеат да испорачуваат во количества помали од просечните во изминатите 12 денови. За прекршување на владините одредби, предвидени се парични казни, во износ од 100.000 динари (50.000 денари) до два милиони динари, како и забрана за вршење дејност во траење од 6 месеци до 1 година.