Србија: Инфлацијата во октомври 8,5 отсто, наспроти 10,3 отсто во септември

Потрошувачките цени во Србија во октомври, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 8,5 отсто, а во однос на декември минатата година во просек за седум отсто, објави Републичкиот институт за статистика.

Според официјалните податоци на Министерството за финансии, инфлацијата паднала од 10,2 отсто во септември на 8,5 отсто во октомври, што, според финансиските власти, било „многу побрзо од очекуваното“, бидејќи преземените мерки дале резултати.

Во октомври, мерено според септемвриските цени, раст е забележан во групите „образование“ (2,9 проценти), „облека и обувки“ (1,7), „здравје“ (0,8) и во групите „алкохолни пијалоци и тутун“, „станбена опрема и тековно одржување“ и „ресторани и хотели“ за по 0,5 отсто.

Домувањето, водата, струјата, гасот и другите енергетски производи поскапеа за 0,3 отсто, а во групите „транспорт“ и „рекреација и култура“ за 0,2 отсто.

Минимален пад на цените е забележан во групата „комуникации“ (-0,1 отсто), додека цените на останатите производи и услуги не бележат значителна промена, соопшти РГЗ.

Истовремено, Народната банка на Србија (НБС) денеска објави дека бруто девизните резерви на државата се 24,38 милијарди евра, а нето 20,25 милијарди евра, а во однос на крајот на септември се за 290,1 милиони евра повеќе.

Зголемувањето на бруто девизните резерви е резултат на нето-откуп на девизи на домашниот девизен пазар – 160 милиони евра, прилив по основ на нето издвојување на задолжителните девизни резерви на банките во износ од 65,4 милиони евра и околу 10,5 милиони евра по други основи, велат од НБС.