Србија испраќа војска во Шид поради мигрантите

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е врховен командант на вооружените сили, наредил во саботата утрото итно распоредување на војската на територијата на сремската општина Шид, поради заштита на локалното население од мигрантите, објавија белградските електронски медиуми со назнаката „итно“.

Се очекува силите на Војската на Србија наскоро да пристигнат во овој град, наведува електронското издание на дневниот весник Вечерње новости.

Агенцијата Танјуг ја објави веста како итна, наведувајќи дека претседателот Александар Вучиќ „наредил ангажирање на војската, поради зашита на сигурноста и имотите на локалното население од мигрантите“.

Во текот на вонредбата состојба поради епидемијата на коронавирусот во Србија, којашто траеше од 15-ти март до 8-ми мај, Војската на Србија ги обезбедуваше мигрантските кампови и азилантските собирни центри во коишто, според податоците на Комесиријатот за бегалци, се сместени околу 8.500 луѓе.

На подрачјето на Шид има три мигрантски центра: во Адашевци, Принциповац и во Шид, во коишто според последните податоци се згрижени меѓу 1.500 и 2.000 мигранти.

Спрскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во април изјави дека во мигрантските центри во Адашевци крај Шид и во Крњача крај Белград, во текот на вонредната состојба се регистрирани два инцидена кога војниците пукале во воздух за да ја смират ситуацијата. Вулин тогаш истакна дека војниците пукале во знак на предупредување, за ниеден мигрант да не побегне од 24-часовниот карантин, кој за мигрантите беше одреден во текот на вонредната состојба.