
-Сите народи на Западен Балкан како што тоа денеска се дефинира, треба да бидат свесни дека албанската нација е во политичка прогресија, и дека го гледа ова време како период на национал-романтизам, тоа што некои други народи го минувале во 19 или 20 век. Како заокружување на своја национална приказна. Не треба да се бега од тоа, треба да се разговара за тоа. Во демографска смисла, албанската нација на овие простори, за разлика од некои други нации е потентна и во пораст, одговори Милош Вучевиќ, министерот за одбрана на Србија, во интервјуто за Вечер, на прашањето, дали Македонија, Србија, Црна Гора соработуваат по прашање за начинот за решавање на албанската супкултура.
-Не мислам дека постои соработка меѓу државите да се занимаваат со албанското прашање, затоа што тоа би довело до постоење на некаква антиалбанска коалиција. Не постои и не би било фер. И Србите, и Македонците, и Црна Гора имаат потреба на најдобар можен начин да ги вклучат Албанците во јавниот живот и во целокупното милје на тие држави, рече тој.
Додаде дека: „Но, она што албанската заедница и популација мора да го прифати е да ги почитува тие држави. Јас верувам дека Албанците овде ја доживуваат Република Северна Македонија како своја држава. Се надевам дека е така. Ние се обидуваме со албанската заедница во Прешево и Бујановац да работиме и да бидат вклучени, да имаат свои претставници, да им се слушне гласот, Србија инвестира во тие општини да не бидат некои џебови, да не бидат изолирани, туку вклучени, што не е лесно“.