
Од почетокот на 2023 година, 18 жени, меѓу кои две девојчиња, се убиени во семејно-партнерско насилство во Србија, објави во четвртокот Центарот за поддршка на жените.
По повод Денот на сеќавање на жените жртви на насилство, кој денеска се одбележува во Србија, Центарот посочи дека само во масовните убиства на 3-ти мај во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и на 4-ти мај во две села кај Младеновац, загинаа девет девојчиња, со што вкупниот број на убиени од почетокот на годинава се зголеми на 27.
Биљана Степанов од Центарот за поддршка на жените укажа на фактот дека од 2010 година досега најмалку 330 жени се убиени од членови на семејството или од нивните партнери.
„Живееме во земја во која секоја друга жена доживеала некаков облик на насилство, а податоците покажуваат дека секоја трета претходно се обратила за помош до надлежните институции“, рече Степанов.
Се пожали дека институциите не реагираат навремено, не препознаваат насилство, немаат добра процена на ризикот или нема капацитет или знаење во системот за заштита на жените.
Комесарката за заштита на еднаквоста, Бранкица Јанковиќ, предупреди дека „убиените жени не се бројки и статистика“ и дека е неопходно обединување во борбата против оваа „најекстремна форма на родово базирано насилство“. Во соопштението за медиумите, Јанковиќ изјави дека и покрај потпишаните конвенции, мерките за заштита и пропишаните строги казни, во текот на оваа година не поминала речиси ниту една недела жена да не биде жртва на партнер, „најчесто бивша“.
Законите и мерките, оцени Јанковиќ, самите посебе не се доволни, бидејќи „коренот на проблемот“ се наоѓа во традиционално нееднаквите односи на моќ меѓу мажите и жените, но и во широката толеранција на општеството кон сите форми на насилство. Комесарката смета дека е неопходен „социјален консензус во борбата и осудата на секое насилство“, како и зајакнување на свеста „за важноста од почитување на сечие достоинство и зајакнување на вистинските вредности“.
Од 117 случаи на фемицид што дошле на суд од 2014 до крајот на 2022 година, повеќе од половина од нив не биле означени како тешко убиство, што им овозможило на сторителите да се извлечат со помали казни, соопшти Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС), во четвртокот пренесува агенцијата Бета. Во некои од случаите, според ЦИНС во новата студија, судиите навеле „бизарни олеснителни околности“ и изрекле помали казни, додека дел од одговорноста префрлил на убиените жени.
Денот на сеќавање на жените жртви на насилство – 18-ти мај, е востановен во 2017 година со цел постојано да ги потсетува јавноста и институциите за ризикот од фемицид и неговите последици. Според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), фемицид е „убиство на жени затоа што се жени“, додека документите на Обединетите нации го дефинираат како „убиство на жени и девојки поврзани со полот“.