Србија: Осум лица загинаа, а седум се повредени во пожар во дом за стари лица

Осум лица загинаа, а седум се повредени во пожар што избувна рано во понеделникот во дом за стари лица во белградската општина Браево, потврдија претставници од Минстертвото за внатрешни работи и ресорното министерство.

Пожарот што избувна синоќа во дом за стари лица во општина Бараево го предизвикал еден од жителите на објектот кога запалил душек во својата соба. Како што неофицијално дознава Политика, лицето било ментално болно, а по подметнувањето пожар лицето починало од последиците од пожарот.

Пожарникарите и припадниците на Секторот за вонредни ситуации го изгаснале пожарот и евакуирале 13 лица.

Има индиции дека пожарот е подметнат, изјави за РТС министерот за труд и социјала Немања Старовиќ, тврдејќи дека домот во селото Велики Борак, општина Бараево ги има сите потребни дозволи за работа.

Во тек е истрага, а случајот е преземен од обвинителството.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, за Танјуг изјави дека постои сомнеж дека пожарот го подметнал еден од жителите на домот, кој и самиот настрадал.

Началникот на Секторот за вонредни ситуации на српското МВР, Лука Чаушиќ, изјави дека по пријавата во 3:32 часот, пожарникарите брзо пристигнале да интервенираат и дека пожарот е веќе во фаза на пламен, но интервенцијата на пожарникарите а спасувачите спречија повеќе жртви.

„Ова е голема трагедија, но можеше да биде многу поголема“, изјави Чаушиќ.

Во домот живееле 30 жители.

Седум повредени со возило на Итна медицинска помош се пренесени во ВМА и Ургентен центар.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изрази сочувство до семејствата на жртвите.

„Лоши вести, тешко утро. Се надевам дека повредените ќе закрепнат“, изјави Вучевиќ за ТВ Хепи.