Србија под притисокот на ЕУ се откажа од воените вежби со Русија и Белорусија

Србија се откажа од учеството во традиционалните планирани воени маневри со Русија и Белорусија, по притисокот на Европската унија на којашто сака да ѝ пристапи, изјави во средата српскиот министер за одбрана Александар Вулин.

Србија, којашто е кандидат за полноправно членство во ЕУ и има отворено преговарачки поглавја, но истовремено одржува и тесни односи со Русија и ја истакнува својата воена неутралност. Српските сили учествуваат редовно на многу воени вежби со земји членки на НАТО но и редовно и на маневри со руските и белоруските војски. Така во септември требаше да учестуваат на вежбите „Славјанско братство 2020“, кои треба да се одржат во Белорусија.

„Побараа од нас, по цена на откажувањето од нашата европска иднина, да ја откажеме планираната воена вежба со Белорусија“, изјави министерот Вулин.

Воено неутралната Србија била изложена на „незаслужено силен притисок од Европската унија“ и поради тоа на шест месеци ќе го замрзне своето учество во воените вежби со сите партнери, додаде српскиот министер за одбрана.

Србија и Белорусија одржуваа пријателски врски и Белград во декември беше домаќин на белорускиот претседател Александр Лукашенко кој е под притисок на Западот, особено последниот месец по масовните протести на белоруската опозиција која бара негово повлекување од власта.

Воените вежби треба да се одржат во втората половина на септември со учество на 1.500 војници, во близина на градот Брест, на југоистокот од Белорусија, според податоците кои ги објави белоруското министерство за одбрана.