Снегот, кој обилно наврна во понеделникот, го принуди електроенергетскиот систем на Србија делумно да увезува струја, објави синдикатот „Независност“ во електраната Никола Тесла (ТЕНТ), повикувајќи се на податоци од мрежната апликација Energyflux на „Електромрежа Србије“.
Податоците за производство и трговија со струја покажуваат дека Србија од понеделникот постојано увезува струја, а најкритично било во вторникот вечерта, пишува порталот Нова економија. Од графиката на таа страница се гледа дека државата увезла 1.790 мегавати, а според објавените податоци струјата во 22 часот чинела 120,05 евра за мегават.
„Системот е толку нарушен што ТЕНТ едноставно не може да се справи со тоа. Толку долго ја работам оваа работа, имало и полоши временски услови од овие, па немало толкави колапси“, тврди главниот комесар на синдикатот „Независност“ во ТЕНТ, Драгослав Љубичиќ
Без да изнесе конкретни податои и споредби, Љубичиќ вели дека депониите на ТЕНТ во моментов се полни и веќе нема место за одложување на јагленот, кој е со лош квалитет.
„Целиот наш хидро сектор има акумулирано 250 мегавати на час. Па каде е Дунав кој речиси ја поплави Будимпешта? Некој мора да сноси одговорност за ваков хаос“, вели Љубичиќ.
Поранешниот директор на „Електропривреда Србије, Мирослав Томашевиќ“, предупреди дека може да се повтори истото сценарио од пред три години, кога околу 130.000 домаќинства останаа без струја поради големата хаварија во ТЕНТ.
Тој објаснува дека влажното време, снег или дожд, дополнително го натопува јагленот, кој мора да биде сув пред да влезе во електраната бидејќи бојлерите не можат да ја исушат неговата надворешна влага. Кога јагленот е влажен, неговата калориска вредност и топлинската моќ се намалуваат, па наместо тоа се користи мазут, што може да ја компензира енергијата, рече Томашевиќ.
Во својот енергетски систем, Србија доминантно користи две термоелектрани – Костолац и ТЕНТ, и хидропотенцијалот на реката Дрина во хидроелектраната Перуќац, хидроцентралата Ѓердап, од која ја дели електричната енергија со соседна Романија. Помали количества електрична енергија се добиваат од гасни централи, мини хидроцентрали на помали реки и ветерни електрани.