Србија: Продолжување на конститутивната седница, Брнабиќ веројатно нова претседателка на парламентот

Со нови контроверзии, расправии, меѓусебни обвинувања и навреди од страна на владејачките и опозициските партии продолжи во понеделникот конститутивната седница на Скупштината на Србија, на која се очекува избор на претседател на парламентот и работните тела.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) ја предложи поранешната премиерка Ана Брнабиќ за претседателка на парламентот, а таа е единствениот кандидат за оваа функција.

Конститутивната седница на Собранието на Србија, на која беа потврдени мандатите на пратениците од новиот парламентарен состав се одржа на 6 февруари, но изостана изборот на претседател на парламентот. Дел од опозицијата потоа ја напушти седницата за време на давањето на свечената обврска, чиј текст беше прочитан пред камерите во фоајето на парламентот.

Српската напредна партија убедливо победи на предвремените избори на 17 декември минатата година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени со бројни злоупотреби, особено во Белград.

СНС освои 129 од 250-те места во државниот парламент, а со 18 мандати од претходните коалициски партнери, социјалистите (СПС) на Ивица Дачиќ и Алијансата на војводинските Унгарци (СВМ), имаат комотно мнозинство, кое не го доведуваат во прашање изборот на Ана Брнабиќ запарламентарна спикерка.

Конституирањето на парламентот е предуслов за формирање нова влада, иако сѐ уште не е предложен мандатарот кому ќе му биде доверено да го предложи составот на извршната власт, иако рундата консултации со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше затворена минатата седмица. Опозицијата не учествуваше на консултациите.

Конституирањето на парламентот доаѓа во време кога од српските власти се бара, по бројните приговори за регуларноста на декемвриските избори, да ги применат препораките на меѓународната набљудувачка мисија (ОДИХР) со цел да се обезбедат фер услови за идни избори, пред сѐ, формирање организиран избирачки список, откажување од кампањи во кои ќе учествуваат функционерите од власта и рамноправна застапеност на сите учесници во медиумите.

Резултатите од имплементацијата на вкупно 25 препораки на ОДИХР веќе можеа да се видат во кампањата за повторени избори во Белград, најавена за 2 јуни, кои ќе ги соопшти претседателот на Собранието.