Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени во средата дека е опасно во Босна и Херцеговина да се игра со таканаречените „бонски овластувања“ за Високиот претставник на меѓународната заедница и наметнување закони и уставни решенија без согласност од сите три народа и надвор од Дејтонскиот договор.
Советот за имплементација на мирот во БиХ на состанокот во Бон во декември 1997 година на високиот претставник во БиХ му даде можност за користење на ткн „бонски овластувања“, овозможувајќи му да менува функционери за кои ќе оцени дека ги кршат законите и Дејтонскиот договор. Овластувањата му овозможуваат на високиот претставник и да наметне клучни закони, доколку не ги усвојат законодавните тела во БиХ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград разговараше со политичките челници и лидери на парламентарните партии од Република Српска и најави дека Србија „отсега ќе се однесува“ согласно Анексот 10 од Дејтонскиот договор и дека од високиот претставник ќе бара извештај за состојбата во БиХ.
„Опасно е да се игра со бонските овластувања, со наметнување закони и уставни решенија без согласност од сите три народа, без почитување на Дејтонскиот договор и без согласноста на Република Српска“, изјави Вучиќ на прес-конференцијата.
Оценувајќи дека Србија е „мала за да може да влијае врз белосветските моќници“, додаде дека Белград ќе се „однесува колку што може, согласно меѓународно-правните норми“, а како страна во постигнувањето на Дејтонскиот договор има право да бара извештај за функционирањето на БиХ.
Челникот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави дека „не е подготвен да ги следи илузиите“ кои не функционираат 20 години, оценувајќи дека би требало да се врати на „реалниот однос на силите на теренот и враќањето на Дејтонскиот договор“.
„Не можам да разберам зошто Америка, која го креираше Дејтонскиот договор, па и Анексот 10, се откажува од тој договор а другите ги обвинува дека го кршат“, рече Додек кој во моментов претседава со колективниот државен врв во БиХ.
Го повтори своите поранешни ставови дека „Босна не може да биде функционална, доколку тоа значи унитарна“, но дека „Босна може да биде договорена“.
Додик смета дека, по повлекувањето на донеодамнишниот висок претставник Валентин Инцко, сега „на шпекулативен начин“ се прави обид да се дојде до именување на нов „спротивно на резолуцијата на Советот за безбедност“ при Обединетите нации.
Инцко ќе биде заменет од германскиот дипломат Кристијан Шмид, на што во Управниот комитет за примена на мирот (PIC), меѓународното тело кое го води босанскиот мировен процес, се спротистави Русија.
„Тој (Шмид) нема да има легимитите, кога станува збор за Република Српска“, истакна Додик.