Осомничениот за вооружениот конфликт кај селото Бањска на северот од поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија, Милан Радоичиќ, во средата е ослободен од притвор, помалку од 48 часа откако беше приведен, објави Вишиот суд во Белград.
Во вторникот полицијата во Белград го приведе до неодамна лидерот на Српската листа на косовските Срби, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за организирање паравоена група на северот на Косово, кога во конфликтот загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби.
Радоичиќ беше задржан во полицијата 48 часа, откако претходно бил претресен неговиот стан и други простории, а вработените во Управата за криминалистичка полиција вчера доцна попладнето со кривична пријава го приведоа во Вишото јавно обвинителство во Белград.
Судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград, откако го сослушал обвинетиот, го одбил предлогот на Вишото јавно обвинителство Радоичиќ да биде притворен поради опасност од бегство. Како што се наведува во соопштението, на Радоичиќ му бил одземен пасошот, му било забрането да ја напушти територијата на Србија без судско одобрение, а забраната важи и за заминување на Косово и Метохија. Исто така, му било наредено да се јавува во надлежната полициска станица на 1-ви и 15-ти секој месец.
Минатата седмица потпретседателот на Српската листа, водечката партија на косовските Срби, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за организирање паравоена група на северот на Косово, кога еден полицаец и тројца Срби беа убиени во селото Бањска во конфликт со косовската полиција на 24. септември. Радоичиќ поднесе оставка од функцијата во партијата, соопшти тогаш неговиот адвокат.
На видео снимката косовската полиција го идентификуваше Радоичиќ како организатор и водач на вооружената група која се судри со полицијата кај селото Бањска кога беше убиен полицаецот Африм Бунаку, а во продолжение на конфликтот во текот на денот беа убиени и тројца Срби од групата.
Неговото писмено признание дека тој лично организирал група вооружени Срби и ги направил сите логистички подготовки на северот на поранешната српска покраина каде Србите сѐ уште се огромно мнозинство и според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН не смеат да пристувуваат безбедносни сили на албанските власти во Приштина, на новинарите им го прочита адвокатот Горан Петронијевиќ, кој во јавноста е познат како бранител на Радован Караџиќ и Веселин Шљиванчанин пред Хашкиот трибунал.
Петронијевиќ вчерашното апсење го окарактеризира како „резултат на притисок врз Србија“, тврдејќи дека нема место за кривична одговорност на неговиот клиент, бидејжи групата косовски Срби одговорила на репресиите од страна на полицијата на косовоскиот премиер Албин Курти врз српското население, како и дека косовскиот полицаец загинал од поставена бобма при расчистување на барикада.