Србија треба да одлучи какви односи сака со НАТО, а Северноатлантската алијанса ќе ја почитува таа одлука без разлика каква е таа, беше речено во вторник во Белград на конференција „НАТО и партнери 2024: Преку доверба до мир“.
Поранешниот шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Белград, италијанскиот генерал Џампјеро Романо изјави дека Алијансата ја почитува воената неутралност на Србија, но дека таквата политика на Белград не ја спречува соработката.
„Професионалноста на српските војници е препознаена во меѓународните мисии во Либан, Централноафриканската Република и други места“, рече Романо.
Оцени дека српската јавност „не е целосно запознаена“ колку е веќе постигнато во соработката меѓу Белград и Алијансата.
Помошникот министер за надворешни работи на Србија, Игор Кужелка изјави дека постои „негативен однос на граѓаните на Србија кон НАТО“.
„Не смееме да го заборавиме минатото, но треба да гледаме во иднината“, рече Кужелка, осврнувајќи се на четиримесечното бомбардирање на НАТО на поранешна Југославија во 1999 година.
Тоа беше првата воена операција на НАТО, и тоа во Европа и без одобрување од Советот за безбедост на Обединетите нации, со кои западните сили предвоени од САД издејствуваа повлеквуање на армијата и полицијата од јужната српска покраина Косово и Метохија, каде подоцна во 2008 година албанското мнозинство со поддршка на истите заемји еднострано прогласи независна Република Косово, коај офиццијален Белград не ја признава.
Кужелка оцени дека партнерството меѓу Алијансата и Белград се заснова „на политиката на воена неутралност на Србија“ што „не значи изолација, туку можност за соработка во однос на меѓународните предизвици“.
Изјави дека Србија годинава за одбрана ќе издвои 2,4 отсто од бруто домашниот производ, што е во согласност со стандардите на НАТО.
Заменик-помошникот генерален секретар на НАТО, Џејмс Апатурај, потсети дека Србија е вклучена во програмата на НАТО „Наука за мир“, пренесе агенцијата ФоНет од средбата.
„Последните години работиме на поконкретни програми за соработка меѓу НАТО и партнерите. Тоа се програми поврзани со сајбер одбраната, борбата против ширењето на дезинформации и зајакнувањето на енергетската безбедност“, рече Апатураи.