Србија: Уапсен средношколец од Суботица, истражувал изработка на бомба, го спомнал масакрот

Српската полиција приведе малолетен ученик од гимназијата во Суботица по дојава од американското Федерално биро за истраги (FBI) дека на интернет правел налози со имиња на масовни убијци, истражувал како се прави бомба, а во разговор со училишниот психолог споменувал масакрот во близина на детска градинка, објавија во вторникот војводинските и белградските медиуми.

Уапсен е Д.У од Бачка Топола, во северната српска покраина Војводина, ученик во гимназијата „Светозар Марковиќ“ во Суботица, на кој му е изречена забрана за напуштање на живеалиштето со обврска да носи алка на ногата за следење на движењето.

Агенцијата Танјуг објави дека тој се товари за сторено кривично дело „прикажување, набавување и поседување детска порнографија и искористување на малолетник за порнографија“.

Весникот Блиц, пак, наведува дека FBI открило и препратило информации до српските власти дека малолетниот Д.У. правел налози на интернет со имиња на масовни убијци и дека истражувал како се прави бомба.

Весникот додава дека во разговор со училишниот психолог рекол дека „не му паднало на памет да направи масакр во училиштето, туку му паднало на памет да направи такво нешто во близина на градинката“.

Порталот Subotica.com наведува дека судијата за малолетници на Вишиот суд во Суботица му изрекол 30-дневна забрана за напуштање на станот, иако Вишиот јавен обвинител предложил да му биде одреден притвор.

Српските медиуми јавуваат дека по масовното пукање во училиштето, кога 13-годишен ученик во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ уби осум врсници и училишен чувар, како и по масакрот во Младеновац, кога 21-годишниот Урош Б.уби осум луѓе, зачестило откривањето нови инциденти.

Во нив, пренесува Блиц, поединци, често и деца, го величат масакрот и најавуваат дека ќе ги направат истите монструозни злосторства.

За само пет дена полицијата приведе десетици малолетници поради најопасните закани кои ги упати јавно.