![srbija i hrvatska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/02/srbija-i-hrvatska.jpg?resize=486%2C324&ssl=1)
Српската Влада ќе побара одржување на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации поради синоќешните најави за формирање на армија на Косово и влошување на безбедносно политичката ситуација на Косово, изјавил министерот задолжен за Косово и Метохија, Александар Вулин.
Тој изразил длабока загриженост поради влошувањето на безбедносно политичката ситуација на Косово и Метохија, почнувајќи од каменувањето на српските аџии во Ѓаковица, па до забраната за влез на граѓани од Србија во Косово, за што, како што рекол Вулин, се уште немало јасна и одредена осуда, пишува Танјуг.
Вулин изјавил дека најавата за реорганизација на косовските безбедносни сили во косовска војска треба да ја загрижи целата меѓународна заедница.
„Тоа е неприфатливо и спротивно на резолуцијата 1244, во која јасно се вели дека не може да постои војска на Косово и Метохија. Тоа е територија под управа на ОН и може да постои само една вооружена сила, а тоа е КФОР”, порачал Вулин на конференција за медиуми во четврток во српската влада.
Тој истакнал дека владата бара итна седница на Советот за безбедност на тема почитување на Резолуцијата 1244 и најновите случувања на Косово.
Насилството што, според него, станало секојдневие на Косово, е насочено кон Србите.