Челникот на владиното биро за поранешната српска покраина Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ изјави во вторникот ноќта дека Белград нема да учествува во продолжувањето на дијалогот за нормализација на односите со Приштина сé додека Србија од Косово не ги добие одговорите за убиството на српскиот косовски политичар Оливер Ивановиќ, додека од Приштина порачаа дека Белград нема да биде вклучен во истрагата на еден од политичките лидери на Србите на Косово.
Марко Ѓуриќ во изјавата за јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС) изјави дека многи информации до кои дошле српските истражни органи покажуваат дека станува збор за „сериозна и широка организација“, како и дека тие информации пристигнуваат секој час.
„Од минута во минута добиваме сé повеќе информаци, сé повеќе сум убеден дека ова не потекнува од нашата земја и сигурно не од Србите од Косово и Метохија. Ние не бараме и не молиме, туку инсистираме косовските органи веднаш да ги пронајдат виновниците и да ги приведат пред лицето на правдата“, рече Ѓуриќ.
Косовскиот министер за правда Абелард Тахири ја отфрли можноста Белград да биде вклучен во истрагата за убиството на челникот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, објавија приштинските медиуми по барањето на Белград на српските истражни органи да им се овозможи учество во истрагата.
„Тоа (истрагата) им припаѓа само на институциите на Косово“, рече Тахири за порталот Gazetaexpress, пренесуваат медиумите во Белград.
Тахири порача дека се „добредојдени сите информации“ од Албанци или од Срби, коишто можат да помогнат во расветлувањето на убиството на Ивановиќ, но не и вклучување на Белград во истрагата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени претходно во вторникот дека убиството на Ивановиќ претставува „терористички чин“ и побара од мисиите Еулекс, Унмик и од Косовската полиција и српските органи да учествуваат „во истрагата и откривањето на вистината“ за атентатот на Ивановиќ.
Косовскиот министер Тахири рече дека сé уште нема информации дека Еулекс добил официјално барање од владата или другите институции на Србија за учество во истрагата за убиството, како и дека ниту во институциите во Приштина не пристигнало такво барање, пренесува агенцијата Бета од Приштина.
Главниот обвинител на Основното обвинителство на Косовска Митровица, Шикри Сила, изјави дека двајца обвинители го истражуваат убиството на Оливер Ивановиќ, Србин и Албанец, Јова Радовиќ и Нијази Реџа.
Истовремено Обвинителството за организиран криминал во Белград соопшти дека започнало предистражна постапка во врска со убиството на Ивановиќ, а од српската полицијата и разузнавачката агенција побарало „собирање на потребните информации во врска со кривично дело тероризам“.