Српскиот Црвен крст денес соопшти дека се очекува низ земјата следните недели да поминат околу 20 илјади бегалци.
Првите бегалци од пограничниот град Шид влегоа во Хрватска, а тие од затворените унгарски премини се распрашуваат како да дојдат до таму.
Како што пренесува агенцијата Фена, автобуси со бегалци денеска во раните утрински часови почнаа да пристигнуваат од Прешево, град на југот на Србија, во новоотворениот прифатен центар Принциповац, кај Шид.
Десетици бегалци ја минаа хрватската граница
Неколку десетици бегалци, кои пристигнаа претходно, ја минаа хрватската граница одбегнувајќи ги официјалните гранични премини, јавуваат белградските електронски медиуми, повикувајќи се на извори од српската полиција.
Бран од 20 илјади до 23 илјади бегалци
Низ Србија во моментов не минуваат голем број бегалци, но следните неколку недели може да се очекува нов бран од околу 20.000 до 23.000, изјави претставничка на Црвениот крст врз основа на информациите за нивното доаѓање во Грција.
Промена на бегалската рута
Промената на бегалската рута следеше откако Унгарија вчера ги затвори граничните премини со Србија. Околу премините се заробени неколку стотици бегалци, а унгарската полиција најмалку 260 од нив уапси при обид илегално да ја минат границата.
Унгарија уште со затворени гранични премини
Унгарија и натаму ги држи заворени граничните премини „Хоргош 1“ и „Хоргош 2“, додека неколку стотици бегалци се упорни во намерата од меѓузоната да го продолжат патот кон Европа и скандинавските земји.
РТС од Хоргош пренесува дека некои од бегалците, кои се соочени со блокада на унгарската граница, веќе се распрашуваат како да стигнат на границата со Хрватска.
Сообраќајот од затворениот премин Хоргош во меѓувреме се пренасочува кон Келебија.