Првата седница на новиот српски Парламент и формирањето на Владата ќе завршат во првата половина на април, пишува „Блиц“.
Според изданието првото рочиште ќе се одржи на седми април, а Владата ќе биде избрана најдоцна до 20 април. Неименувани извори од Српската напредна партија изјавиле дека имаат тенденција местото претседател на Парламентот да го понудат на некој од нивните идни коалициски партнери.
„Подготвени сме да разговараме со Српската напредна партија за натамошна соработка, ако тие го сакаат тоа“, изјавил лидерот на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ, пренесува „Политика“.
Дачиќ додал дека партиите што беа во претходната Влада заедно освоија 202 пратенички места, што зборува за тоа дека граѓаните позитивно ги оцениле остварувањата на Владата.
Главниот српски преговарач со Европската унија, Тања Мишчевиќ изјавила дека нема вакум во однос на евроинтеграциите поради изборите и формирањето на новата Влада, пренесе агенцијата „Бета“.
„Работата тече непречено, бидејќи немаме многу време“, изјавила Мишчевиќ.
Заменик претседателот на Социјалистичката партија на Србија, Бранко Ружиќ изјавил дека неговата партија не се нуди на никого за коалиција, но се подготвени да помогнат во формирањето на Владата, пренесе електронското издание „Мондо“. Според зборовите на Ружиќ, Српската напредна партија го има мнозинство за формирање на Влада, имаат легитимитет за прераспределба на влијанието, политичката сила и одговорност.
„Тоа што најверојатно ќе следува е пишување на програмата на идниот носител на мандат, Александар Вучиќ. Во зависност од тоа како неговата партија ќе се однесува кон иднината на Србија ние сме подготвени да помогнеме“, изјавил Ружиќ.
Исклучително најдобариот резултат што Александар Вучиќ и Српската напредна партија го постигнаа на изборите, покажува дека граѓаните ја сфатија пораката за потребата од реформи, истакнал вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, цитиран денеска од весникот „Блиц“.
„На изборите што се одржаа во согласност со демократските и европските стандарди, народот си го кажа своето и посочи што сака“, изјавил Лајчак.