Србин уапсен во Грција со кокаин вреден пет милиони евра

Грчката полиција уапсила во неделата утрото во летувалиште крај престолнината Атина државјанина на Србија со 135 килограми кокаин, чијашто улична вредност е проценета на пет милиони евра, објави грчкиот портал Proto thema.

Новинската агенција ANA јавува дека станува збор за Србин на околу 30-годишна возраст во чиј луксузен стан во приморското одморалиште Варкиза, јужно од Атина, покрај споменатото количество дрога биле запленети и 12.000 евра во готовина.

Грчките медиуми наведуваат дека полициската операција траела неколку дена, како и дека сѐ уште е во тек, а поединостите ќе бидат објавени наскоро. Постојат сомневања дека уапсениот српски државјанин бил дел од криумчарски синџир на наркотици, кој ги снабдувал со дроги богатите клиенти.

Според порталот Proto, кокаинот почнал масовно да се појавува во ноќните клубови во Грција меѓу познатите личности, а полицијата ја продолжува истрагата „бидејќи бандата во којашто бил уапсениот Србин има неколку десетици припадници“.