Министерката за образование Рената Дескоска вели во учебниците по историја ќе имало промена на „лажни факти“. Јас не знам кој ја советува но ова е големо непознавање. Госпоѓо министерка, не постојат „лажни факти“, историската фактографија е усогласена на светско ниво, а секако и тука на Балканов, објави во четвтокот на фејсбук историчарот, воедно и членна Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Србов.
„А што е фактографија? Пластично објаснето: датумот кога е роден (Гоце) Делчев, неговото образование, неговото учество на Конгрес, основањето на четничкиот институт итн, тоа се ФАКТИ. Прашањето е, што ќе менувате од ова министерке? Македонската и бугарската историографија немаат никакви недоразбирања околу фактите, недоразбирањата се околу ТОЛКУВАЊЕТО на фактите. Бидејќи кај нас сите мислат дека историјата е сувопарно прераскажување на датуми, вклучително и министерката и нејзините советници, бидејќи кај нас секој си зема за право да се бави со историја, и од лево и од десно, ќе треба да им се објаснува дека историјата е анализа на фактите со причинско последични врски и дека не може секој кој ќе се запие во меана да биде историчар“, пишува Србов.
Во својот статус Србов натаму на министерката Дескоска ѝ укажува дека националното чувство на одредени историски личности не спаѓа во факти.
„Не може да се менува идентитетот на еден цел народ заради исказот на некоја историска личност во даден момент. А кои се причините за таквиот исказ? Можеби се само прагматични за бенефит на Организацијата и делото. Ред е министерката да обзнани кои се тие бисери кои ќе ни ја ревидираат историјата, сакам да знам кои се тие скриени таленти кои ќе ревидираат труд на една цела фела. Историјата не се дати и цитати од историски личности“, потенцира Србов во својот статус.