Со барањето од Платформата од Тирана, Албанците одат кон тоа да му докажат дека во тој момент Македонецот не постоел, вели Никола Србов во Вертикала на РСМ.
„Српската власт вршела репресија врз целото население во вардарскиот дел на Македонија. Тука биле стационирани 12.000 српски жандарми, или половина од целата жандармерија. Во тој момент, Македонците не се признати, на пописот се попишувани како Срби што се должи на обидот за асимилација. Во пописните документи наоѓаме Срби и Албанци. Ако првиве, кои се попишани како Срби, ги прогласиме за геноцидни, тогаш вторите ги правиме единствен фактор и жртва на овие простори кои пак според документите се едвај 13%. Во тој случај, ако Македонецот каже дека и врз него е вршена репресија од страна на српската власт, Албанците одат кон тоа на Македонецот да му докажат дека во тој момент Македонец не постоел, сакаат да докажат дека само тие биле признати на овој простор и дека тие се староседелци и како такви само тие имаат право врз оваа земја која наводно Македонците им ја окупирале“.
„ Ако во првиот период треба да ги прогласиме Србите за геноциден народ, во вториот период од 1941 до 1944 година треба да ги прогласиме Бугарите за геноциден народ. Но со ова се прогласуваме ние самите за геноциден народ бидејќи и за време на српска окупација и за време на бугарска окупација ние Македонците сме попишувани како Срби односно Бугари, што значи за целиот период, не само за периодот по АСНОМ, ние самите треба да се прогласиме за геноциден народ“.
Пописот од 1921 година вели дека на територија на денешна Република Македонија според мајчиниот јазик живееле: Македонци 67,6%, Турци 14%, Албанци 13 проценти. Во 1926 година во составот на населението во Скопје бил следниот: вкупно жители 69.269 од кои, 42.072 Македонци, 24.480 Турци, 1.790 Албанци.
Растот на градот Скопје бил следен:
1913 година имало 47.384
1919 година имало 51.738
1920 година имало 54.879
1921 година имало 58.765
1922 година имало 60.354
1923 година имало 62.432
1924 година имало 64.243
1925 година имало 66.934
1926 година имало 69. 296
Значи, Скопје, како и цела територија на денешна Република Македонија биле во постојан пораст, не постојат никакви индиции, а камо ли факти, дека тука некогаш бил извршен геноцид врз некој народ. Доколку бил извршен некаков геноцид, во тој случај бројките драстично би оделе во надолна насока, но тоа не е детектирано. Од секогаш на овие простори Македонците се движеле во бројка до 70%, додека Албанците се движеле до максимум 14%. Демографските бројки не се менуваат радикално, тие се статични, плус/минус некој процент , така е во целиот свет па и во Македонија.