Србов: Со милионски трансакции Владата купува гласови

Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз продолжува со финансирањето на невладините организации за време на предизборен процес и со парите на граѓаните купува гласови во пресрет на локалните избори, обвини во неделата Никола Србов, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Милионските трансакции кои се одвиваат последниве денови отвораат сомнеж дека Владата со парите на граѓаните купува гласови во пресрет на локалните избори. За само два дена од парите на граѓаните на сметките на невладините организации се префрлени 29.660.000 денари“, рече Србов.

Прецизираше дека на 26-ти септември на сметките на невладините организации се префрлени 16.450.000 денари. Веќе следниот ден, како што рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, на 27-ми септември на сметките на невладините организации биле префрлени 13.210.000 денари. Претходно, во периодот откако беа распишани локалните избори, на сметките на невладините организации биле префрлени вкупно 26.125.000 денари.

„Со најновите трансакции, невладините организации кои учествуваа во ткн Шарена револуција и кои по насилен пат ја уриваа легално избраната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од парите на граѓаните добиле вкупно 55.785.000 денари. Владата има обврска да им соопшти на граѓаните каде се трошат нивните пари. Преплетеноста на работата на невладините организации со партиските активности на Социјалдемократскиот сојуз, носи до заклучокот дека сега Социјалдемократскиот сојуз си ја финансира својата кампања и поткупува гласачи со пари на граѓаните“, порача Србов.

Потенцираше дека ваквото самоволие, беззаконие и злоупотреба на парите на граѓаните ќе заврши на 15-ти октомври.