Никола Груевски како човек кој дојде во 2003 година на чело на партијата, како што кажа и самиот, не само што наследи заринкан брод, туку веднаш потоа се случи поделба на самата ВМРО-ДПМНЕ. Истиот тој човек со таа политика за воведување на нови кадри успеа за две ипол, три години да ја донесе ВМРО-ДПМНЕ на влас, покрај другото истакна политичкиот аналитичар, Никола Србов во гостувањето во вестите на телевизијата Алфа.
„Сега повторно гледаме дека е еден чекор пред СДСМ, бидејќи кај СДСМ сега ги гледаме истите оние стари кадри кои се влечат веќе 15 години во таа политичка партија. И повторно ќе бидат чекор пред социјалдемократите, претпоставувам ќе внесат нови кадри во раководството на партијата и во сите структури кои се вертикално поставени во ВМРО-ДПМНЕ и ќе започнат една нова политика која го вклучува и меѓународниот фактор за кој повторно станува збор за перцепција. Таму се создава перцепција дека доколку член на ВМРО-ДПМНЕ каже дека не сака да се промени уставното име на РМ, на тој едноставно му се кажуваше дека е анти-НАТО или анти-ЕУ расположен човек, што е смешно“, потенцираше Србов.
Од друга страна, додаде Србов, ги имаме СДСМ коишто сега започнуваат некаква политика и кренаа еуфорија дека ќе ја внесат Македонија во НАТО под привремената референца ФИРОМ, а притоа забораваат дека ВМРО-ДПМНЕ десет години се обидува да ја внесе Македонија во НАТО преку одредбите од Привремената спогодба со Грција, што всушност го претставува тоа, да влезе Република Македонија под референцата ФИРОМ.
„Заминаа Димитров и Заев во Атина и едноставно го добија одговорот кој ние го добиваме како држава веќе десет години, дека доколку сакате да влезете во НАТО, ни велат Грците, мора да си го промените името“, потседи Србов.
Истакна дека СДСМ секогаш кога ќе дојдат на власт се однесуваат како сѐ да почнува од нив, како пред нив ништо да не постоело.
„Сега гледаме дека повторно се однесуваат како што се однесуваа во 2002 година кога дојдоа на власт. Ништо не преземаат за државата, се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ. Гледаат како да го растурат ВМРО-ДПМНЕ, истото што го правеа и во 2002 година“, истакна Србов.
Според него, секое одење на кој било член на партијата во суд, за нив ќе биде голема приказна.
„Нив не ги интересира дали некој ќе биде виновен или не. Не ги интересира правда, ги интересира медиумска приказна. Целата политика им се сведува на тоа“, потенцираше Србов.
Истакна дека сето тоа што било ветено во програмата пред изборите ќе биде исполнето кога ќе заврши мандатот, или кога ќе си заминат од власта.
„Сетоа тоа што го ветуваа, како плата од 30.000 денари искочи дека нема да биде кога ќе дојдат на власт, туку кога ќе заврши мандатот, или кога ќе си заминат од власта. Истото се случува и со докторите и платата од 100 илјади денари, истото на крајот ќе се воспостави и со влезот на Македонија во НАТО, освен ако не преземат некои радикални чекори, бидејќи знаеме од што зависи влезот на Македонија во НАТО“, посочи политичкиот аналитичар.
Србов додаде дека ВМРО-ДПМНЕ кажа оти такви закони нема да дозволи да бидат спроведени.