Претседателот на македонската Стопанска комора, Бранко Азески, во понеделникот одржа работна средба со заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, на која се дискутираше за билатералната економска соработка меѓу двете земји за којашто соговорниците оценија дека е на многу високо ниво.
Азески истакна дека Стопанската комора, како најголема и најстара коморска организација во земјата, е подготвен и сигурен партнер за продлабочување на соработката, создавајќи и поддржувајќи поволна бизнис клима која овозможува привлекување и одржување на развојни инвестиции, посебно преку учеството во Коморскиот инвестициски форум и поддршката на економскиот развој на регионот.
Тој ги претстави и актуелните проекти и стратешките активности на Комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните активности, преку креирање Совет за напредни технологии вклучувајќи ја и дигитализацијата, имплементацијата на дуалниот систем на образование, зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании, како и поддршка на извозните активности на домашните бизнис сектор.
Од особено значење, како што посочи, е соработка со Унијата на германските индустриски и трговски комори –ДИХК, со која Комората во 2007 година потпиша билатерален меморандум за соработка, но и активно соработува на полето на проектни активности во рамки на Коморскиот инвестициски форум.
Азески додаде дека, низ годините Стопанската комора има значајна соработка со федералното Министерство за економска соработка и развој на Германија, со коешто во рамките на Отворените регионални фондови за Југоисточна Европа (Open Regional Funds for Sought East Europe), се спроведе Партнерскиот проект меѓу Асоцијацијата на балканските комори и Унијата на германските индустриски и трговски комори – АБК-ДИХК, за институционално зајакнување на балканските комори, поддршка на процесот на ЕУ-интеграција и унапредување на стопанската соработка меѓу регионот и Германија. Во рамките на истиот фонд, во март 2010 година Стопанската комора на Северна Македонија влезе во Регионалниот проект со ГТЗ “Export Consultancy Network” – оформување на регионалната база на стопански консултанти во различни области.
На работниот состанок, претседателот Азески и заменик амбасадорот на Сојузната Република Германија, Ото Граф, заклучија дека соработката меѓу двете земји мора да продолжи со засилен интензитет, посебно на полето на економската соработка, зголемување на извозниот потенцијал на домашните компании и привлекување на што поголем број германски инвестиции.
Германија е 16 години прв економски партнер на Македонија и така треба да остане и во иднина. Во првите седум месеци од 2021 година трговската рамена меѓу двете земји изнесува 3,01 милијарди САД$ и бележи раст од 55,7%, споредено со истиот период во 2020 година, кога изнесуваше 1,93 милијарди САД$. Извозот за првите седум месеци од 2021 година изнесува 2,3 милијарди САД$, и бележи зголемување од 59,2%, во однос на истиот период 2020 година. Увозот изнесува 682,3 милиони САД$, и бележи зголемување од 44,8% во споредба со истиот период во 2020 година. Во трговската размена остварен е суфицит од 1,6 милијарди САД$, кој во однос на минатата година е намален за 66,07%.